1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Црно-зелена коалиција да, но не сега - штета!

ЦДУ/ЦСУ и Зелените имаа два пати долги сондирачки разговори. За коалиција се‘ уште нема доволно основа, но тоа беа средби кои како да ја претскажуваат иднината. Зашто црно-зелена коалиција е можна, оценува Фолкер Вагенер

За се‘ е виновна ФДП (Либералната партија, н.з.). Нејзиниот неуспех да го достигне цензусот од 5% ја разби старата структура на политички кампови - овде граѓанско-либералниот, таму црвено-зелените социоеколози. Коалиционата карта на сојузно ниво во Германија во моментов се премерува одново. Се дискутираат, па дури и сондираат, досега незамисливи партиски комбинации.

Црно-зелена коалиција беше неофицијално топ-тема веднаш по парламентарните избори, таа беше во заветрина на веројатната, голема коалиција. Историската шанса е пропуштена, од страна на Зелените. Нивната разнишана самодоверба по загубените избори и големата персонална ротација се можеби причините за прекинување на содржински и атмосферски многу ветувачките сондирачки разговори.

Некогашните политички бунтовници, кои одамна се во општествениот центар, не се осмелија на политичка промена - да одат со ЦДУ, која денес е толку либерална и зелена, како никогаш порано. Тоа беше малодушно и непотребно, зашто ЦДУ и ЦСУ им излегоа пресрет на Зелените во нивните централни политички сфери - политиката на азил и политиката за бегалците, политиката за климата и енергетската политика. Ставовите се приближија, но општествено иновативниот проект - црно-зелена коалиција, е сепак одложен.

Се чини дека се‘ уште најголем проблем при приближувањето се социолошките милјеа на двете партии. Од аспект на Зелените, конзервативците долго време беа претставници на омразениот естаблишмент. Во ерата на 1960-тите, против ЦДУ политички се бореа оние кои малку подоцна беа дел од основачите на Зелените. И обратно, екологистите за граѓански ориентираните беа провокатори, леви идеолози и барем делумно - случај со кој требаше да се занимаваат тајните служби. Неспорно е дека во старата Сојузна република, немаше поголема политичка споротивставеност од онаа меѓу партиите на Унијата и Зелените.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN

Фолкер Вагенер, автор на коментарот

Дури по обединувањето Зелените и‘ го препуштија социјалистичкиот имиџ на Партијата на левицата. А и ЦДУ и ЦСУ се менуваа. Оние кои го оценуваат како добар курсот на центарот велат дека двете партии на Унијата станале помодерни. До пред 10 години црно-зелена коалиција не паѓаше ниту на памет како можна опција. Денес двата политчки кампа го имаат оставено зад себе она што ги преплашуваше.

Но тоа не е доволно за политички брак. Сондирачките разговори на преговарачите на зелените и црните, полни со респект и без полемика, повеќе делуваат како ветување. Да, ќе се приближиме. Сега не, но подоцна. Тоа има смисол. Најголемиот политички предизвик во наредните години ќе биде пресвртот во енергетската сфера. Тема која отсекогаш беше централна за Зелените, а сега е тоа и за конзервативците.

Благосостојбата на Германија почива врз економскиот успех на земјата. Партиите на Унијата би можеле да бидат сопирачка за Зелените при енергетскиот пресврт да не заминат во насока на деиндустријализација. Зелените пак, би имале шанса да ги принудат партиите на Унијата еколошки да ја придружуваат индустриската политика без атомска енергија. Тоа можеше да биде цел за овој легислативен период. Но за такво нешто сега недостига храброст, и тоа на двете страни. Наредната можност се нуди дури во 2017 година.