1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Црниот Петар“ - фолклор или расизам?

Невина божикна традиција или вистинска дискриминација? Црно обоениот помошник на холандскиот Свети Никола со децении предизвикува жолчна дискусија. Сега во неа се вклучија и ОН.

default

Ситуацијата со холандскиот обичај станува сериозна. Холанѓаните сметаат дека нивниот „Цварте Пит (Црниот Петар)“ е во опасност. Со црно обоеното лице, шарени широки пантолони и перика со кадрици, помошникот на холандскиот Николаус е предмет на дебати за расизмот уште од 1990-те години.

Сега дискусијата добива нова димензија: експертска комисија на ОН се зафати со темата, а нејзиниот претседател, Верене Шеперд, по потекло од Јамајка, лаконски го формулираше резултатот: „Манифестацијата претставува враќање кон ропството“. Според неа, традицијата треба итно да биде прекината.

Спор пред суд и преку интернет

Со констатацијата од срце се сложуваат бројни Холанѓани со темна боја на кожата, кои со години вложуваат жалби поради фигурата на помошникот на Николаус. Со нив се солидаризираше и амстердамскиот уметник Квинси Гарио: тој вложи тужба против „колинијалниот реликт“ пред Европскиот суд за човекови права.

Приврзениците на предбожиќната традиција на Фејсбук формираа посебна група, која во рок од 24 часа собра еден милион фанови и во меѓувреме има над два милиони лајкови.

„Рацете настрана од нашиот Црн Петар“, гласи нејзиното предупредување. Холандската прослава на Николаус е „единствена, безопасна и мирољубива“.

Против стереотипите

И противниците на „Црниот Петар“ се мобилизираа за виртуелна борба. Историчарот Роелоф Јан Менебо направи страница насловена како „Црниот Петар е расизам“ и поради тоа доби дури и смртни закани.

„Но, ние не го сфаќаме тоа сериозно, на компјутер такво нешто човек пишува во брзина“, вели тој во разговор за Дојче веле. Но, она што го загрижува многу повеќе, е високиот број луѓе кои себеси се квалификуваат како нерасисти, но преку јазикот кој го употребуваат и однесувањето, го докажуваат токму спротивното, токму преку Фејсбук, вели тој. За него се работи за тоа што преку „Црниот Петар“ се во оптек стари стереотипи: „Еден белец седи на коњ, опколен од придружба на црнци, кои претставуваат смешни несмасници“.

И во Германија минатите години се разви дискусија околу вакви стереотипи, првенствено во детските книги. „Црниот крал“ од детската класика „Пипи долгиот чорап“ на Астрид Линдгрен издавачот го преименува во „Кралот на Јужните мориња“. Критичарите притоа обвинуваат за фалсификување на културните добра.

Од црн - во светло кафеав?

„Една традиција не може едноставно толку брзо да се промени“, вели историчарот Алберт ван дер Зеијден од Холандскиот центар за нематеријално наследство во интервју за Дојче веле:

„А кога една организација како ОН сака да одреди како треба да го празнуваме Свети Николаус, ќе предизвика само отпор“.

Тој пледира за благ премин и предлага „Црниот Петар“ од идните години полека да се променува.

„Во секој случај, ни треба решение кое е прифатливо за сите“, вели тој. Една од идеите е „Црниот Петар“ полека да станува посветол во кожата, друга идеја е да се смени периката со кадриците со перика со права коса.

„Така тој повеќе ќе личи на суштество од приказните, а помалку на мигрант со темна боја на кожата“, смета Ван дер Зеијден. За него е прифатлива и друга боја на лицето, зелена или сина, на пример.

Според Роелоф Јан Минебо предлогот за осветлување на бојата на лицето не ја погодува сржта на проблемот: „Историски гледано, тоа е речиси иронично“. Зашто, тоа би потсетувало на холандските робовладетели во колонијата Суринам, кои се обиделе да да ја осветлат бојата на кожата на тамошните староседелци на тој начин што зачнувале потомство со темнокожите робинки.