1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Црна дамка за моралот на западните демократии

Пред седум години, на 11 јануари 2002 година, пристигнаа првите затвореници во „Гвантанамо“. Оттогаш американскиот затвор стана симбол на неправдата во војната против тероризмот. Коментар на Улрике Маст-Киршнинг.

default

Седум години „Гвантанамо“ - тоа се седум години премногу. Премногу за околу 800 луѓе, кои од 11 јануари 2002 година беа донесени во затворот во американската воена база на Куба. Премногу за околу 250 луѓе, кои се’ уште се наоѓаат таму (без обвинение и без покренат судски процес), голем дел од нив немаа ни 18 години кога дојдоа таму, на местото на кое границата меѓу нечовечкиот третман и измачувањето одамна е пречекорена.

Веќе седум години моралната и политичката веродостојност на западните демократии е оптоварена од црната дамка - „Гвантанамо“. Тајни затвори од кои затвореници беа префрлани во „Гвантанамо“ немаше само во Авганистан. На пример, известувачот на Советот на Европа, Дик Марти, откри такви затвори и во Полска и во Романија.

Изговор за диктаторите ширум светот

Најмалку шест европски земји, меѓу нив, покрај веќе споменатите, веројатно и Италија, Шведска, Македонија и Босна и Херцеговина, активно соучествувале во киднапирањето и префрлањето лица осомничени за тероризам во и од такви мрачни места. И на безбедносните служби во Германија и во Велика Британија им се префрла најмалку индиректна вмешаност во ваквите активности поради доставувањето информации и сознанија на американските власти.

Веќе седум години деспотите и диктаторите ширум светот имаат полесна игра во односот кон граѓаните во нивните земји кои „поинаку размислуваат“. Исто така, можат да се најдат се’ помалку претставници на држави, кои се подготвени во Советот за човекови права на ОН да извршат притисок, за да им биде ставен крај на сите форми на варварство. Меѓутоа, под притисок се ставени специјалните известувачи на ОН, кои јавно ги критикуваат таквите повреди на човековите права. Се’ додека егзистира „Гвантанамо“, други ќе се обидуваат да се скријат зад него.

Затворањето на „Гвантанамо“ мора да се случи што побргу

Седум години по отворањето на „Гвантанамо“, има ли воопшто поголема безбедност од терористички напади? Не. Напротив. Освен тоа што човековите права, како и забраната за измачување, никогаш не смеат да бидат доведени во прашање, гневот и бесот пред се’ на младите во многу делови на светот значително порасна. Радикалните групи се во подем.

Дури и ако правната држава САД преку одлуките на различни судови во меѓувреме го направи се’ поблизок крајот на „Гвантанамо“, распуштањето на овој затвор мора да оди побргу. Тоа мора да биде највисока цел не само за идниот американски претседател Барак Обама. Сите држави, а особено западните демократии, мораат да помогнат во разрешувањето на тешкотиите при затворањето на „Гвантанамо“. Човековите права мораат брзо и консеквентно да бидат повторно воспоставени за сите затвореници. Само доколку државите најдат сила подобро да ги гарантираат човековите права, ќе се отворат шанси соживотот на планетата во иднина да се одвива помирољубиво.