1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Црна Гора: позитивна, праведна или правна?

Во Црна Гора се основани три нови политички партии чиј заеднички именител е острата критика за власта. Во пресрет на есенските парламентарни избори нивниот пласман е тешко да се предвиди.

Црногорското избирачко тело доби вистинска закуска. Подобро кажано три. „Позитивна Црна Гора“, „Праведна Црна Гора“ и „Движење за владеење на правото“. Кога во реалноста би се оствариле значењата на нивните имиња, народот би го добил она што го бара. Се’ додека е тоа невозможно нивниот живот на црногорската политичка сцена е реален, смета аналитичарот Светозар Јовичевиќ.

„Јас мислам дека имаат шанса, бидејќи има големо разочарување кај избирачите како на власта така и на опозицијата“, уверен е Јовичевиќ. Токму незадоволството на гласачите на спротиставените политички блокови во Црна Гора, основачите го наведуваат како една од главните причини за формирање на трите нови партии.

Позитивна партија на левиот центар

Dritan Abazovic Positives Montenegro

Координаторот на „Позитивна Црна Гора“, Дритан Абазовиќ.

„Позитивна Црна Гора“, која ја предводи биологот Дарко Пајовиќ, се определи за левиот центар, подготвена да раскине со неолиберализмот и да донесе нов економски систем. Подготвени се и да ги одмерат силите на изборите, но за резултатите не сакаат да полемизираат, вели за ДВ координаторот на „Позитивна Црна Гора“, Дритан Абазовиќ.

„Ние очекуваме сите граѓани кои мислат дека на Црна Гора и се потребни промени, да ја поддржат оваа опција. Јас подетално не би се занимавал со изборните шпекулации но во секој случај ’Позитивна Црна Гора’ очекува добар резултат на претстојните избори“, оптимистичен е Абазовиќ.

„Праведна“- чувар на црногорската сувереност

Дали воопшто ќе излезат на есенските избори во „Праведна Црна Гора“ се’ уште немаат одлучено. Додека размислуваат пред очите им „сјае мајската зора“. „Праведна Црна Гора“ веќе е препознаена како суверенистички политички клуб. Нејзини основачи се некогашните координатори на референдумскиот „Блок за независност“ Раде Бојовиќ и Бранко Луковац.

Претставникот за медиуми на партијата Небојша Никшевиќ објаснува која е нивната цел: „Мнозинството луѓе кои ја водат партијата беа во раководството на ’Движењето за независна и европска Црна Гора’. Можеме да си поиграме со називот и да кажеме дека независноста е освоена а оти остатокот - ’Европска Црна Гора’ се’ уште не е“, вели Никшевиќ.

Ситен играч

Најмалку се знае за „Движењето за владеење на правото“. Оваа партија настана од невладината организација формирана минатата година а нејзиниот портпарол Љубомирка Асовиќ за 13. јули најавува основачки конгрес. „Ние сме партија на левиот центар која прокламира социјална правда и еднаквост. немаме звучни имиња и бознисмени во своите редови, туку слободни граѓани кои не се плашат да кажат што мислат“, гордо истакнува Асовиќ.

Првиот испит на есен

Mitglieder Partei Gerechtes Montenegro

Членовите на партијата „Праведна Црна Гора“

Додека избирачити штотуку започнуваат да се запознаваат со програмите на новите партии, експертите веруваат дека власта и опозицијата подеднакво стравуваат од нив. Целна група на неодамна формираните партии ќе бидат пред се’ - апстинентите. Политичкиот аналитичар Златко Вујовиќ додава дека сепак тие нема да се откажат и од гласачите на владејачката коалиција и на опозицијата:

„Штета што ќе настапат самостојно, бидејќи имаат слични програми. Доколку би направиле договор и би се претставиле како некаква трета сила, во однос на слабата опозиција и разнишаната власт, можеби тоа би била некоја опција која би мотивирала доволен број избирачи конечно да преминат од категоријата апстиненти во категоријата на оние кои активно одлучуваат за својата судбина“, уверен е Вујовиќ.

Колку навистина се сериозна закана, трите нови партии ќе имаат можност да покажат на парламентарните избори на есен. Последна партија која посериозно ја протресе црногорската политичка сцена беше „Движењето за промени“ во 2006. година.