1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Црна Гора: Парада на гордоста во патријархат

Учесниците на Парадата на гордоста во Подгорица денеска (20.10) беа евакуирани, а во текот на парадата и по нејзиното завршување имаше судири меѓу полицијата и противниците на парадата.

ЛГБТ-активистите се евакуирани со полициски возила на непозната локација, јавува агенцијата Бета, повикувајќи се на извори во полицијата. Полицајците денеска фрлаа солзавец кај објектот на Американската амбасада во Подгорица, а во текот на парадата и по нејзе припадниците на безбедносните сили имаа судири со противниците на одржувањето на „Монтенегро Прајд“.

Учесниците на парадата прошетаа низ централната подгоричка сообраќајница, булеварот „Свети Петар Цетињски“, односно од поранешниот хотел Црна Гора до старата зграда на Владата и назад. Тој дел на градот беше целосно блокиран од раните утрински часови, а полицијата влезе во неколку жестоки судири со околу 150 противници на парадата. Полицијата употреби пендреци, додека противниците возвраќаа со петарди и камења. Во судирите, според неофицијални информации, има повеќе повредени лица.

Меѓу учесниците во поворката беа министерот за човекови и малцински права Суад Нумановиќ, советникот на премиерот за човекови права и заштита од диксриминација Јован Којичиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Подгорица, Митја Дробнич.

Претседателот на управниот одбор „Квир Монтенегро“, која е организатор на Парадата на гордоста, Даниел Калезиќ, изјави дека ЛГБТ-лицата од денеска веќе не се невидливи:

„Успеавме да не бидеме веќе невидливи, ги освоивме улиците на овој град. Од денес овие улици се и наши улици“, рече Калезиќ, најавувајќи дека наредната Парада на гордоста ќе се одржи во јуни.

Првата геј парада во Црна Гора е одржана на 24 јули во Будва, но заврши со неславен биланс - жестоки судири меѓу полицијата и противниците на манифестацијата, што резултираше со повеќе повредени и уапсени лица.

Montenegro Gay pride Budva 24.07.2013

На парадата во Будва во јули имаше неколку ЛГБТ-лица, неколку десетици нивни поддржувачи и стотици хулигани

Истражувањето на Хјуман Рајтс Воч покажува дека над две третини од жителите на Црна Гора ја доживува хомосексуалноста како болест. Патријархалноста и неинформираноста, според Стеван Миливојевиќ од ЛГБТ Форум Прогрес, се плодна почна за предрасуди. Затоа, како што вели тој за Дојче веле, парадата е вистински начин на борба: „Често гледаме слики на паради во Бразил, Њујорк... Тие таму немаат аспект на протест, туку се повеќе манифестации, карневали на кои луѓето се забавуваат. Но кога зборуваме за општество какво што е нашето, тука поворката има функција на протест и укажување на проблемите на ЛГБТ-лицата.“

За разлика од него, пратеникот од Нова српска демократија, Горан Даниловиќ, оценува дека ЛГБТ-заедницата воопшто не треба да парадира, затоа што не е најзагрозена: „Иако сум горд на својата хетеросексуалност, не би учествувал на хетеросексуална парада, затоа што тоа би им пречело на другите кои не мислат како мене. Не гледам зошто би парадирал некој кој во таа сексуална смисла е поинаков од мене.“