1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Црна Гора: Новинарите на мета на бомбашите

Пред канцеларијата на главниот уредник на „Вјести“ во Подгорица во четвртокот експлодираше бомба. Ова беше уште еден во низата напади врз медиумот, кој е честа мета на критики на домашните функционери.

Никој во Црна Гора не се изненади поради нападот на дневниот весник „Вјести“. Чудо беше што никој не беше повреден, иако бомбата имала разорна сила. Директорот на највлијателниот весник во Црна Гора Жељко Ивановиќ, кој и самиот брутално беше претепан пред шест години, рече дека напаѓачите биле охрабрени од хајката која се води континуирано против весникот, а зад која стои власта и премиерот Мило Ѓукановиќ лично. Затоа, додава тој, никогаш досега не се откриени напаѓачите на новинарите и имотот на „Вјести“.

„Зашто, откривањето на заднината и извршителите, посебно налогодавачите на некои од тие напади, се разбира, ќе укажува на нивните блиски, пријателски, партнерски, па дури можеби и роднински врски со врвот на власта и со црногорскиот премиер“, вели Ивановиќ.

Сите бараат преземење мерки, Ѓукановиќ ветува

Соочен со ваквите тешки обвинувања, Ѓукановиќ веднаш ја прозва полицијата и побара да ги открие напаѓачите, ветувајќи дека во спротивно ќе ги смени одговорните.

Итна акција побараа и претставниците на западните држави и ЕУ во Подгорица. Амбасадорот на Германија во Црна Гора Пиус Фишер изјави дека расветлувањето на овој напад ќе биде еден од критериумите за оценување на напредокот на Црна Гора во евроатлантските интеграции.

Црна Гора пред десетина дена ги отвори поглавјата 23 и 24 со ЕУ, кои се однесуваат токму на владеењето на правото, Ахилова петица на денешна Црна Гора.

Milo Djukanovic Premierminister Montenegro

Мило Ѓукановиќ

Во опозицијата тврдат дека стравот од функционирањето на државата врз база на правилата е токму причината за овој, како што наведуваат, терористички чин. Во цивилниот сектор и во медиумската заедница во државата сметаат дека целокупната атмосфера за која е одговорна власта, довела до бруталниот напад врз критичарите на режимот во Подгорица.

Насилството станува секојдневие

Уредникот во независниот весник „Монитор“, Есад Кочан за Дојче веле вели дека насилството ескалира и дека Црна Гора се лизга во опасна фаза.

„Системот е пред крах, разоткриен е. Тие толку блиски врски меѓу организираниот криминал и врвот на власта стануваат толку очигледни, што дури и режимската пропаганда не може да ги сокрие. Насилството станува секојдневна појава. Се создава цел свет на привид, така што се заканува опасност од распад на системот кој нема разработена алтернатива. Тоа е многу опасно. Црна Гора може да стане опасно место за живот“, заклучува тој.

Затоа, сега очите се свртени кон црногорската полиција. Ако таа брзо не ги открие напаѓачите и налогодавачите на бомбашкиот напад врз „Вјести“, ќе се оствари стравувањето на Кочан.

Во тој случај веќе во старт ќе биде залудна Комисијата за расветлување на нападите врз новинарите, која минатата недела беше формирана по угледот на Србија.