1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Црна Гора на избори - кој ќе му се спротивстави на Ѓукановиќ

Во Црна Гора денеска ќе се одржат парламентарни избори, трети од прогласената независност. Клучно прашање е дали тие ќе доведат до значајни промени по 22 години апсолутна доминација на една партија.

Сите анкети покажуваат дека шансите на црногорската опозиција за успех сега се нешто поголеми отколку на претходните избори. Не само затоа што таа е зајакната и консолидирана, туку пред се’ поради неисполнетите ветувања на актуелната црногорска власт која ја сочинуваат Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ и нејзиниот партнер Социјалдемократската партија.

Црна Гора е земја со 650 илјади жители, просечната плата е околу 480 евра, а трошоците на едно четиричлено семејство се речиси двојно поголеми. Дека во земјата економската и социјалната состојба стануваат се потешки, констатира и Европската комисија во последниот извештај за напредокот. Во него се наведува дека во Црна Гора постои голема невработеност, инфлација и раст на јавниот долг, додека социјалните разлики се најголеми во Европа.

Аналитичарот Зоран Радуловиќ вели дека Црна Гора пред шест години станала самостојна, но не и доволно демократска и правна држава.

„Мислам дека и на оние кои гласаа против независноста им е јасно дека Црна Гора го одбра вистинскиот пат, но проблемот е што по тој пат не одиме ни со приближно доволна брзина“, вели Радуловиќ.

Оние кои се незадоволни со ваквата состојба се собраа воглавно во една партија „Позитивна Црна Гора“ (ПЦГ). Анкетите покажуваат дека таа партија со граѓанска ориентација ќе освои околу 10 проценти од гласовите на избирачите, што би можело да доведе до тоа владејачката партија да не може да оствари

Miodrag Lekic

Миодраг Лекиќ

мнозинска поддршка во новиот состав на парламентот и дека ќе мора да формира коалиции со партиите на националните малцинства.

Демократскиот фронт- фаворит кај опозицијата

Според прогнозите, најмногу гласови кај опозицијата ќе освои „Демократскиот фронт“ кој е составен од Нова српска демократија на Андрија Мандиќ и Движењето за промени на Небојша Медојевиќ, со поддршка од еден дел од досега најсилната опозициска партија, Социјалистичката народна партија. На чело на тој сојуз е поранешниот шеф на црногорската дипломатија и некогашен југословенски амбасадор во Рим Миодраг Лекиќ. Медојевиќ тврди дека Демократскиот фронт се залага за темелни промени во Црна Гора.

„Говориме за потребата од радикална реформа на еден болен политички, економски и социјален систем , кој не сакаме да го шминкаме, туку радикално да го менуваме“.

Во таква ситуација на лидерот на владејачката коалиција „За европска Црна Гора“, Мило Ѓукановиќ не му преостана ништо друго, туку повторно да ветува подобар живот и да се претставува како единствен заштитник на обновената независност на Црна Гора.
„Во игра на овие избори е многу крупен влог, до кој дојдовме по 100 години чекање“, вели Ѓукановиќ. Тој ги обвини двете опозициски коалиции, процрногорската „Позитивна“ и просрпската „Фронт“ дека всушност планираат постизборна коалиција и дека и едните и другите служат како дел од „политичкиот инженеринг“.

На Ѓукановиќ му пречеше тоа што лидерот на опозицискиот Фронт, Миодраг Лекиќ во финишот на кампањата се сретна со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел, додека двајцата лидери на втората опозициска коалиција беа примени на високо ниво во Берлин.

Стресниот период допрва претстои

Без разлика кој ќе победи денеска, ќе треба макотрпно да работи за да се решат големиот број проблеми во земјата, која кон крајот на јуни ги започна преговорите за членство во ЕУ.

Wahlen in Montenegro

Мило Ѓукановиќ

„Пред нас претстои најстресниот период, бидејќи преговорите ги почнуваме со најтешките поглавја 23 и 24, кои се однесуваат на ’Ахиловата петица’ на Црна Гора- владеењето на правото“, вели за ДВ, директорката на независниот подгорички неделник Монитор, Милка Тадиќ Мијовиќ. Според неа, прва жртва на тој пат би можел да биде токму Мило Ѓукановиќ.

„Мислам дека тој би можел да биде онаа „крупна риба“ која европските земји ја бараат како доказ дека Црна Гора се бори против криминалот“, вели Мијовиќ.

Таа смета дека на Ѓукановиќ му е потребен уште еден мандат на некоја државна функција за да си обезбеди себеси имунитет од судски прогон за неброените афери во кои се споменуваше неговото име во последните две децении.