1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црковно - дипломатска офанзива на МПЦ

Еден од тројцата помлади владици во Архиерејскиот Синод на МПЦ, Владиката Климент, зборува во интервју за Дојче Веле за актуелната црковно дипломатска офанзива, за очекувањата од посетите на православните цркви од соседните држави, како и за почетоците на неговата црковна кариера.

Скопје

Скопје

Дојче Веле: Владико Климент, Вие сте млад човек, а веќе сте член на највисокото црковно тело во Македонија. Какви се Вашите црковни почетоци и како се решивте да го напуштите световниот живот?

Владика Климент: Можеби како еден датум што е врежан во моето сеќавање е 1978 година кога бев прво одделение и кога за прв пат почнав да ја посетувам неделната богослужба во мојата парохиска црква. Бев примен од тогашниот свештеник и од црковниот хор и добив можност да ги пеам црковните стихови на литургијата. Тоа за мене значеше голема радост и ми даде чувство дека треба секоја недела повторно да доаѓам во храмот. Тогаш имав седум години.

Со 21 година заминав на Света Гора, каде што станав калуѓер. Изминаа 15 години како се наоѓам како епископ во МПЦ и сега сум член на Светиот Архијерејски Синод кој ја креира политиката на МПЦ.

Со Вашиот и приемот на уште двајца млади владици пред една година подмладен е составот на Синодот. Дали се реформираа на некој начин и ставовите на Синодот, начинот на одлучување во него?

Владика Климент: Па, тоа ќе оставиме да проценат аналитичарите и оние кои се занимаваат со црковната дејност. Но, она што е мој личен впечаток, тоа е дека сегашната поставеност на членовите на Синодот е многу интересна. Има и стари искусни митрополити, полни со искуство и помлади епископи кои се богати со полет, со ентузијазам, со идеи. Таа добра комбинација мислам дека ќе вроди со плод што ќе се почувствува и што всушност веќе се чувствува.

Подобрена ли е позицијата на МПЦ во православниот свет последниве години?

Владика Климент: МПЦ опстојува на ставот дека треба да биде инкорпорирана во семејството на православни цркви. Овој простор Македонија, и географски и воопшто, има една специфична побожност и благослов. Тоа што МПЦ не е прифатена од другите помесни цркви, тоа ги лишува нив од она што ја карактеризира македонската побожност, од она што може да го понуди македонскиот верник, чија што побожност е на далеку прочуена и позната. Таа некомуникација ги лишува другите цркви од оние плодови, што на трпезата на соборно-евхаристискиот живот можеме ние да ги понудиме како Македонска православна црква. Го молам милостивиот Бог час поскоро, останатите да станат свесни дека она место што ни е дадено, што историски стои празно, треба да биде пополнето со позицијата на МПЦ, која што ја возобнови Охридската Архиепископија.

Дали проблемите што ја оптоваруваат Црквата се само дел од оние проблеми што со години на назад го оптоваруваат и македонскиот народ? Тој од секогаш имал проблеми со својот идентитет, од секогаш водел битки за докажување на својата нација, на јазикот, воопшто на постоењето.

Владика Климент: Историски е докажано дека МПЦ ја дели судбината на овој народ. Кога нашиот народ страдал, страдала и таа, а кога народот се радувал, се радувала и таа. Тоа се огледа и во проблемот околу името. Кога водиме официјални разговори за приемот на МПЦ во православното семејство постојат две стратешки точки на кои заглавуваат преговорите: тоа се проблемот околу името и околу статусот на црквата. Ние опстојуваме и не дозволуваме да го промениме името, нашиот едногласен став е да бидеме Македонска Православна Црква. Со тоа ја манифестираме соборно изразената волја на овој народ, кој од секогаш се доживувал како македонски. За мене е апстрактен проблемот и од политички формат, кога некој црковен центар изјавува дека нашата црква не може да биде признаена под името “Македонска“. Врз основа на кој канон, на кое правило некој си дозволува да тврди такво нешто? Токму пред една недела слушнавме таков став од центарот на Фанер (од Цариградската Патријаршија).

Зошто тогаш владиците по средбата изјавија дека добиле поддршка и дека задоволни се враќаат од Цариград?

Владика Климент: По средбата преставниот кој зборуваше со македонските медиуми излезе со една изјава, а за грчките медиуми, барем според она што лично можев да го прочитам од Службата за црковни вести, тој изјавил дека Патријархот Вартоломеј и‘ дал поддршка на Српската Патријаршија и рекол дека црквата во ПЈРМ нема да се признае под името македонска, ниту пак ќе добие автокефален статус. Тоа значи дека гласноговорникот на Фанер соопштува една информација за македонските, а друга за грчките медиуми.

Може ли тогаш МПЦ без поддршка од Цариград да продолжи да се бори за својата позиција?

Владика Климент: МПЦ го почитува поредокот што постои во православниот свет. За нас катедрата на Цариградската патријаршија ќе биде она што од секогаш била и Царигардскиот патријарх исто така ќе биде оној кој од секогаш бил, прв меѓу еднаквите православни епископи. Во нашата црковно дипломатска офанзива прва дестинација по тригодишен застој во преговорите беше токму Константинополската Партијаршија за да се поразговара за позицијата на МПЦ, да се дадат информации од прва рака, за што во секој случај сме уверени дека ќе делуваат позитивно на конечното решавање на македонското црковно прашање.

Дали тој пат до рамноправна позиција води исклучиво преку Српската православна црква? Некои аналитичари велат дека патот води од таму.

Владика Климент: Ние испративме писмо до црковен Белград со покана да се продолжи дијалогот на било кое ниво меѓу двете цркви. Молкот на другата страна можеби повеќе кажува отколку што прикрива, зашто ако тие мислат дека го решиле македонското црковно прашање со инсталирање свои експозитури од типот на т.н. Православна Охридска Архиепискпоија, тогаш тоа говори за нив. Но, кај останатите православни помесни цркви е евидентно дека прашањето на МПЦ не го сметаат за решено и токму затоа решавањето на овој проблем може да се случи само преку дијалог.

Колку зад спорот меѓу МПЦ и СПЦ стои Грчката Православна Црква, во услови кога македонската држава има отворени прашања со грчката држава? Ќе барате прием од грчкиот Поглавар. Што очекувате од таа средба?

Владика Климент: Планот беше по посетата на Цариград да се посетат сите православи центри кои што се незаобиколни, како што е црковна Атина, црковна Софија, црковен Букурешт, на прво место соседите и при тоа да се образложи нашата позиција. Сите знаеме дека односот со Грција е под товарот на нерешниот проблем околу името на државата. Најстарата црковна институција во Македонија настапува од таа позиција дека не може да го смени името. Тоа сигурно ќе им биде предочено на претставниците на Грчката Православна Црква. Но, секако дека додека не се реши проблемот со името на ниво на држава, а знаеме дека тие преговори траат, би било нереално да се очекува ние да го решиме проблемот со соседната помесна црква. Би можеле да кажеме и дека проблемот околу решавањето на спорот околу името меѓу Република Грција и Република Македонија, ќе се одрази врз решавањето на проблемот со признавањето меѓу двете цркви. Историјата на православието покажува дека секогаш кога некоја држава имала голема моќ и силна позиција на меѓународен план добивала сила и нејзината црква. Мислам дека овој евро-интегративен процес што се случува во Македонија ќе се одрази на некој начин и на нашата црковна позиција: значи политичката моќ на државата ќе ја зголеми и црковната моќ.