1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Цркви стануваат хотели, градинки, книжарници, супермаркети...

Црквите често се вбројуваат меѓу најубавите објекти во градовите, меѓутоа посетители има сѐ помалку. Во Холандија, на пример, повеќе од половина од црквите се празни, па поради тоа сѐ почесто се пренаменуваат.

На прв поглед однадвор, не може да се претпостави дека црквата на Редот на Светиот крст во холандскиот град Мастрихт е преуредена во дизајнерски хотел. За реновирање на некогашниот манастир од 1438 година се вложени 15 милиони евра.

Рецепцијата е во средината на оваа градба од доцниот среден век, во просторот на некогашниот олтар се наоѓа бар, а стаклен лифт води до платформа каде се служи појадок. „Од една страна сакавме да го зачуваме карактерот на манастирскиот објект и црквата, но и да направиме современ хотел. Големиот контраст меѓу овие две работи е особеност на проектов", вели архитектот Роб Брауерс.

One Fine Stay – Arundel Street, Islington

Во средишниот дел на црквата е поставен голем метален блок до кој може да се дојде преку скали и галерии.

Хотелот има 60 соби уредени во црковниот манастир. Минималистичкиот ентериер добро се вклопува во јасната и едноставна архитектура од доцниот среден век.

Светиот Дух бара стан

Примерот од Мастрихт за пренамена на празни цркви не е осамен. Во поранешната црква Света Елизабета во холанскиот град Харлем се направени 24 стана. И во неа архитектите настојувале да не ја променат целосно оригиналната структура.

„Тука, во горниот дел на капелата, е нашата дневна соба. Како што можете да видите, оригиналниот свод и натаму добро се гледа и нам ни беше важно така и да остане. Сакавме секако да се види дека живееме во црква“, раскажува Рене Дојн кој живее во стан во црквата.

Свештениците во Холандија полека се навикнуваат на тоа дека црквите сѐ почесто се користат како станбен простор, а сѐ поретко како места за богослужба. „Ако ме прашате како пастор, велам дека е жално. Не затоа што црквите служат како станбен простор, тука дека веќе не се користат за првобитната намена. Малку сочувствувам и со оној, кој сега бара стан - Светиот Дух", вели пасторот од Харлем, Бернард Лутикхојс.

Вакви примери има и во Германија. Католичката црква Светите Три Крала во предградието на Келн во 1987. година е продадена на едно семејство архитекти. Денес тука под ист покрив живеат и работат 3 генерации. Мартин Линк со семејството живее на два ката. „На почетокот тоа е нешто ново. Живеете во поинаков простор од вообичаениот. Но, кога некаде живеете подолго време, тоа ви станува сосема нормално", вели архитектот Мартин Линк.

Ново поглавје за црквите

Истото се случи и со црквата од 19. век во ексклузивната лондонска населба Белгравиа. Швајцарскиот готвач Антон Мосиман во 1987. ја пренамени нејзината камбанерија во ексклузивен клуб-ресторан „Мосиманс".

„И денес се гледа дека ова некогаш било црква. А и сакав да го задржам тоа. Значи, атмосферата и целиот амбиент на црквата сѐ уште се присутни. Тоа ми беше многу, многу важно. Често ме прашуваа дали ќе направам уште едно ниво и нешто слично. Не, не сакав, би било штета", раскажува врвниот готвач Мосиман.

Сосем поинаква намена: детска градинка во барокна црква во Мастрихт. Претходно тука била дискотека, но басовите ги растресле прастарите темели.


Друга црква, пак, во која повремено се одржувале прослави, денес е книжарница. За граѓаните на Мастрихт таа има посебно значење: Танцувајќи за време на карневалот тука многумина се зближиле.

Кога повторно ќе дојдат во црквава, слушаме како велат: „Погледни, во оној агол ја започнавме нашата врска", раскажува книжарот Тон Хармес.
Книжарница, игралиште или дизајнерски хотел - сѐ едно, граѓаните на Мастрихт отворија нова глава во историјата на своите цркви.