1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Црквите и папата повикуваат на мир и милост

Со богослужби, бдеења и процесии, христијаните во цел свет на велигденските церемонии се присетија на страдањата и смртта на Исус Христос. Папата Франциско повика за мир на Блискиот Исток.

Во фокусот на Патот на страдањето во античкиот Колосеум во Рим беа стравувањата и надежите на Блискиот Исток. Папата Франциско синоќа првпат ја одбележа традиционалната церемонија Велики петок, повикувајќи во исто време за мир на Блискиот Исток, „кој го разоруваат неправдата и конфликтите“. Новоизбраниот аргентински папа ја предводеше церемонијата со која се потсетува на последните часови од животот на Исус Христос, при што процесијата го обиколи Колосеумот во Рим.

Тој ги изговори молитвите и за христијаните во регионот на Блискиот Исток, како и за „нашите муслимански браќа“.

„Христијаните мора да одговорат на злото со добро, примајќи го на себе крстот како што тоа го стори Исус“, рече папата Франциско на церемонијата одржана покрај 2.000 години стариот римски амфитеатар.

Во Ерусалим оваа година процесијата на Велики петок привлече невообичаено голем број верници и посматрачи. Според стариот обичај, Францисканските монаси ја предводеа процесијата на верниците низ Виа Долороса. Процесијата заврши во Црквата на Исусовиот гроб, подигната според легендата на местото на Христовото распнување, Голгота. Израелските безбедносни сили како и секоја година беа во состојба на зголемена борбена готовност, но не е јавено за инциденти.

Во Германија претставниците на двете големи христијанкси цркви повикаа на милост кон сиромашните и побараа преиспитување на финансиската и политиката на економски развој.

„Не смее да се продолжи „понатаму како досега“, изјави  претседателот на католичката Бискупска конференција Роберт Цолич, како што пренесува агенцијата ДПА. Според него, во Германија премалку се тематизира социјалната беда. Осиромашувањето и сиромаштијата на старите лица претставуваат голема закана за социјалниот мир.

„Растечката сиромаштија, особено во големите градови, не треба да ни остави мирен сон“, предупреди надбискупот од Фрајбург.

Претседателот на советот на евангелистичката црква, Николаус Шнајдер во пораката на Велики петок се осврна на граѓанската војна во Сирија, барајќи од сите страни прекин на насилството и „отопр кон логиката на војна“.

DW.COM