1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црквата „Свети Ѓорѓи“- пример за социјален ангажман

Ретки се православните црковни храмови во Македонија, во кои покрај основната верска функција граѓаните можат да побaраат совет, поддршка и друг вид помош. Црквата „Свети Ѓорѓи“ во Охрид е вистински пример.

default

Охрид

Во рамките на црквата „Свети Ѓорѓи“, повеќе години наназад, се одржуваат бесплатни курсеви за компјутери, часови по математика, странски јазици. Во неа функционира Дневен центар за лица со хендикеп, брачно советувалиште и издавачка дејност. Материјално и финансиски оваа црква во најголемиот дел проекти е помогната од Католичката црква „Свети Кирил и Методиј “ од Охрид. Овој пример за екуменска соработка, љубов и взаемно почитување е поздравен и од Ватикан.

Препород на црквата

И овие празнични велигденски денови црквата „Свети Ѓорѓи“, една од ретките цркви во рамничарскиот дел на Охрид, е преполна со верници. Претесна е да ги прими сите одеднаш. Изградена во далечната 1825 година и сега опслужува три парохии. И не е само духовен храм, туку и повеќе од тоа. Отец Диме Кочоски, велат жителите од овој крај на Охрид, ја препороди црквата. Тој заедно со своите колеги ја прошири нејзината дејност и во ова совремие ги врати записите дека некогаш светите Климент и Наум не биле само свештеници, туку и учители, лекари, исцелители. А, отец Кочоски, кој цели 25 години е на служба во оваа црква, вели дека на почетокот немале притисоци ниту од црквата, ни од некој друг, ама патот е трнлив: „Ова се следи, се гледа како на нешто ново и необично. Немаме некоја соработка со останатите наши цркви и свештеници за заедничка работа на проекти. Главно сите проекти ги изведуваме со католичката црква во Охрид. Започнавме со курсеви по странски јазици. Покрај германскиот и англискиот, сега го имаме и италијанскиот јазик. Ги имавме и турскиот, албанскиот и влашкиот јазик. Со тоа направивме една мултикултурна

Deutsch- warum nicht? 1 - Sprachkurs

Еден од проектите е и курс по германски јазик

соработка.Тука доаѓаа и муслимани и тоа траеше околу пет години. Тоа значи дека стотици млади луѓе се посетуваа, другаруваа меѓу себе и ги учеа тие јазици.“

Во црквата се посебно горди што можат да им помагаат на лицата со посебни потреби, за кои е отворен Дневен центар, додава отец Кочоски: „Тој проект трае до мај. Три години го спонзорираше „Реновабис“ од Германија, од бискупијата близу Штутгарт. Така, на тие деца им се овозможи дневен престој. Тие се поучувани, играа, дури изведоа свои претстави. Прават изложби на свои ракотворби и цртежи, коишто потоа се продаваат и со собраните пари децата одат на екскурзија .“

Хуманоста на преден план

Марија е дипломиран психолог, таа директно е вклучена во проектот Дневен центар. Триесетината лица се различни по години и историја на болест. Се разбираат на чуден начин и јазик. Тие се поддржуваат едни со други, додава таа: „Поголем дел од нив работат на компјутери. Имаме и дете кое секоја година оди на Државен натпревар во шах. Во ова е големината на црквата, што им овозможи на овие деца ваков дневен престој. Ова е многу хумана работа.“

Благуна Весилеска е наставник по математика и нејзиното искуство е повеќе од успешно во соработката со црквата. Убаво е кога се помага вели таа: „Имаше 30 дечиња од кои 20 беа редовни. Добро беше, а децата беа од социјално загрозени семејства“.

Пораснав во кругов на црквава и каде и да одам пак и се вракам, додава Благуна: „Многу сме задоволни. Многу нешта се направени во оваа црква. Од обичен двор го направија мал парк со спортски игралишта за децата.“

Во црквата се изведуваат и часови по веронаука, а повремено тука се делат и социјални пакети со храна. Издавањето и печатењето верска литература е дел од секојдневието на црквата „Свети Ѓорѓи“. Отец Кочоски за тоа може да зборува со часови:

„Имаме издадено преку 30 наслови. Некои од нив, можам да речам, се класика на христијанството.Тоа се практични книги за регулирање на потомството и против абортусот.“

На прашањето која е најголемата награда за сето ова, тој одговарa: „Не работиме за некоја специјална наградa, ниту за да се прославиме.“

Го оставаме мирисот на свеќите, кои горат со безброј желби за здравје и љубов, биењето на камбаните, принесените вкусни велигденски лебови, црвените јајца и редот од луѓе кои чекаат за причест. Свежа е помислата дека луѓето од црквата „Свети Ѓорѓи“ го нашле вистинскиот пат, како да се поблиску до обичниот свет.

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска