1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црквата во Октиси ќе се гради штом се смират страстите

На втората средба за надминување на проблемите околу изградбата на црквата „Св. Димитрија“ во селото Октиси, бил постигнат напредок во однос на преземените напори за смирување на страстите и сочувување на сожителството.

Постигнато е придвижување во однос на преземените напори за смирување на страстите и сочувување на сожителството во Октиси, велат по средбата во кабинетот на струшкиот градоначалник Зијадин Села, дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј и струшкиот муфтија Салим Сулејмани.

„Откако страстите ќе се смират очекувам дека ќе започне изградбата нa верскиот објект, односно параклисот на ’Свети Димитрија’ на предвиденото место во Октиси. Разговорите продолжуваат. Исламската верска заедница презеде обврска да разговара со верниците муслимани, а ние со своите, се со цел да се дојде до соодветно решение“, изјави митрополитот г. Тимотеј по средбата, пренесе OhridNews.

Струшкиот муфтија Сулејмани е задоволен од иницијативата на градоначалникот Села - преку разговори и дијалог да се најде решение за проблемот.

„Разговаравме за соживотот и како да ја зачуваме нашата култура која ја негуваме со години и која не смее да се наруши ниту за момент. Даваме отворена поддршка да се изнајде решение, солуција која ќе биде во интерес и на двете страни“, рече Сулејмани.

Сулејмани и г. Тимотеј информираа дека средбите продолжуваат и дека кога ќе се дојде до решение за тоа навреме ќе биде информирана и јавноста. Тензиите околу изградбата на црквата во Октиси започнаа пред десеттина дена, непосредно пред најавеното осветување на темелите каде е предвидена изградбата на верскиот храм „Св. Димитрија“. Тогаш околу локацијата на која е предвидена изградбата се насобраа жителите муслимани, по што дојде до собирање и на православните верници Македонци и мораше да интервенира полицијата. Страстите се смирија по пристигањето на струшкиот градоначалник и митрополитот г. Тимотеј кои најавија средба на која ќе се разговара за надминувањето на настанатите проблеми. Во меѓувреме струшкиот градоначалник поднесе барање за времена мерка за запирање на активностите за изградба на црквата.