1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Црвен телефон, што не е телефон

Вашингтон и Москва веќе 50 години ги поврзува директна линија, позната како „црвен телефон“ или „жешка линија“. Претходно се комуницирало преку курир со велосипед. Преку линијата денес се испраќаат и рецепти.

„Дозволете прво да расчистиме со една заблуда, зашто ако луѓето мислат дека знаат нешто за ’жешката линија’ меѓу Москва и Вашингтон, тоа е погрешно - имено, не постои црвен телефон на бироата на претседателите“, се смее професор Макс Паул Фридман.

Всушност, светските сили преку оваа „жешка линија“ до денес комуницираат меѓусебно исклучиво писмено, првично само преку телеграф. Во 80-те години дојдоа факс-апаратите.

На почетокот за една вест беа потребни 12 часа

Кога кулминираше Кубанската криза, американскиот претседател Џон Кенеди на телевизија објави: „Америка не би сакала избрзано и непотребно да предизвика светска атомска војна, во која и самите плодови на победата ќе бидат само прашина“. Но, тој не остави никаков сомнеж во преземање акција во случај Советскиот сојуз да не го повлече атомското оружје од Куба.

Кенеди и Никита Хрушчов на чело на Кремљ преговараа тајно за наоѓање решение при кое ќе го спасат образот. Тоа беше најдено, но за влакно воените советници ќе го убедеа Кенеди да нареди атомски напад.

Многу станици до Москва

Виновно за тоа беше и денес незамисливата состојба на директна комуникација. Само на првата порака на Хрушчов и‘ требаа речиси 12 часа за да стигне до Кенеди, објаснува Фридман:

„Комуникацијата тогаш се одвиваше вака: да земеме на пример, претседателот срочил порака за Хрушчов, која потоа Белата куќа ја испраќаше до советската амбасада во Вашингтон. Советските дипломати ја преведуваа неа на руски. Амбасадорот Анатоли Добринин ја преработуваше пораката на американскиот претседател во свој текст, кој потоа беше шифриран, потоа амбасадата повикуваше курир со велосипед, кој пораката требаше да ја пренесе до банката „Вестерн унион“. Таа пак преку телеграф ја испраќаше во Москва. Добринин години подоцна раскажуваше какви мисли му минувале низ главата: „Што ако курирот по патот се задржи кај својата пријателка? Тогаш тоа ќе трае уште подолго!“

Rotes Telefon installiert

Фински техничар во 1963 ја проверува „жешката линија“

Почетокот беше во август 1963 година

Поводот беше Кубанската криза. На 20 јуни 1963 година дипломати од висок ранг во Женева договорија воведување „жешка линија“. Беа договорени техничките детали, преземени мерки против шпионажа, меѓусебно усогласени кириличните и латинските тастатури. Од август 1963 беше воспоставена врска, замислена да служи само во воени кризни ситуации. Не можат да бидат потврдени гласините според кои „жешката линија“ првпат била искористена во ноември 1963, за Кремљ да биде информиран за убиството на Кенеди.

Историчарите се сигурни за следните настани: „Во шестдневната војна во 1967 година САД го поддржуваа Израел, а Советскиот сојуз - арапските држави. И двете страни имаа флоти во Средоземјето. Но, во ерата пред сателитите, многу доцна можело да се заклучи дали се приближува некој брод“, вели Фридман.

За да се избегнат инциденти со смртоносни последици, двете страни договорија да ја разменуваат позицијата на своите бродови преку „жешката линија“. Вкупно беа испратени 19 пораки во двата правци.

„Кога Израелците по грешка го бомбардираа ’УСС Либерти’, Џонсон ги информираше Советите дека на бродот што тоне ќе му притекнат на помош други бродови и авиони, а дека тоа не значи дека тие земаат учество во војна“.

Heißer Draht zwischen Moskau und Washington 1963

„Жешката линија“ меѓу Москва и Вашингтон: Џон Бротоски и Чарлс Фицџералд во август 1963 година

Службениците зборуваат англиски и руски

До денес на двете страни седат по двајца службеници во секоја смена, кои течно зборуваат англиски и руски. Ако стигне итна порака, службениците, барем на американска страна, одат директно кај претседателот. „Никој не посредува“, вели историчарот Фридман. Врската беше користена и во 1971 година за време на индиско-пакистанската војна, потоа во 1974, кога Турција го окупираше Кипар. Во 1979 година шефот на Кремљ Брежњев ја информираше Белата куќа за влегувањето во Авганистан.

За време на Првата заливска војна, американскиот претседател Џорџ Буш и рускиот, Михаил Горбачов, често комуницираа преку оваа линија. Горбачов дури испраќаше рачно напишани пораки и географски карти по факс. Понекогаш линијата мирува со години. Но, повеќепати дневно таа се проверува со испраќање неполитички кратки пораки.

„Пред се‘ во времето на Студената војна и за време на големи тензии ги има овие светли моменти во просториите на персоналот надвете страни, кога се разменуваат рецепти, кратки раскази и песни. А тоа е случај до денешен ден“.

„Жешка линија“ постои патем и меѓу Москва и Лондон. Но, се‘уште ја нема на релација Вашингтон-Пекинг, што скоро може да се промени.