1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Црвен картон за расизмот

Конечно ФИФА реагираше решително. Хрватскиот фудбалер Јосип Шимуниќ е казнет со забрана за настап на СП во Бразил поради расистички извик. Казна која и не е доволно строга, смета Јоша Вебер

Во случајов и нема многу простор за шегување, иако самиот Јосип Шимуниќ се погрижи за нејзината поента. Додека неговите колеги од репрезентација ќе играат на Светското првенство во Бразил, Шимуниќ ќе може да остане во татковината, и таму, целосно „спремен“ да го одгледа првенството или евентуално да си поигра на „Плејстешн“. Со други зборови, по казната од ФИФА, може во целост да биде „За дом(а) спремен“.

Не само територијално, туку и од морален аспект, хрватскиот фудбалер заглави во офсајд. Со неговиот усташки поздрав „За дом- спремни“ по бараж- натпреварот за пласман на Мундијалот, Шимуниќ сакаше да собере поени кај хрватските навивачи. Пет пати го извикуваше поздравот преку официјалниот микрофон пред повеќе илјадната публика во Загреб и пред милиони гледачи на малите екрани. Од трибините му возвраќаа со аплауз и одушевеност. Она што Шимуниќ го извикуваше можеби звучи војнички и донекаде прифатливо, но неговиот контекст не е прифатлив.

„За дом- спремни“ беше борбена парола и секојдневен поздрав на фашистичкиот усташки режим кој владееше со Хрватска за време на Втората светска војна. Во тие години, усташите донесуваа расни закони по германски пример, прогонуваа Евреи, Срби и Роми, а десетици илјади луѓе испратија во концентрациони логори. Оттука, поздравот на Шимуниќ воопшто не е некоја шега. Напротив, тој со тоа застана на страна на една расистичка и злосторничка организација. Тоа беше и шамар в лице за ФИФА која во последно време и не беше многу суверена околу оваа „жешка“ тема.

Расизмот- дел од фудбалската „култура“

Deutsche Welle Nachrichten Sport Joscha Weber

Јоша Вебер, уредник на спортската редакција на ДВ

Десетте натпревари казна за Шимуниќ се важен сигнал: „Кажи му Не на расизмот“ повеќе не е само слоган на една фудбалска кампања, туку и реалност. Долго се чекаше на ваква реакција од ФИФА, и беше крајно време таа да се случи. Извикот „За дом- спремни“ не е реткост на хрватските стадиони, како што не се реткост ни расистичките изјави во таа балканска земја, токму како и во многу други европски нации, каде за жал станаа составен дел од фудбалската „култура“. Тоа бездруго го покажаа и реакции на суспензијата на Шимуниќ. Неговите фудбалски колеги, како Ивица Олиќ и Иван Ракитиќ се солидаризираа со Шимуниќ. Хрватскиот печат ја нарекува казната на ФИФА „немилосрдна“ и „брутална“, а на Фејсбук спонтано е формирана група за поддршка на фудбалерот која брои повеќе од 160 илјади поддржувачи. Неверојатно.

Кога жртвите ќе се прогласат за злосторници, а злосторници за жртви, тогаш очигледно се работи за поголем општествен проблем. Расистите во цела Европа се обидуваат да се вовлечат во фудбалот, со различен успех. ФИФА сега мора да покаже доследност и да делува и во други земји. Најдобро би било да отиде и чекор понатаму. Грчкиот фудбалски сојуз доживотно го суспендираше младинскиот репрезентативец Јоргос Катидис поради „хитлеровиот поздрав“, и тој повеќе не смее да игра за репрезентацијата. Расистите нема што да бараат на фудбалските стадиони. Покажете им црвен картон!