1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црвен картон за македонските патишта

Возачите во Македонија се жалат на лоши патишта и слабо ниво на безбедност во сообраќајот. Тоа го потврдуваат и експертите кои предупредуваат дека земјата заостанува зад европските стандарди.

default

Куманово

Тим од Европската комисија деновиве врши инспекциски надзор на патната инфраструктура во Македонија. Ќе се контролира во каква кондиција се коловозите во земјата кандидат за членство, која очекува датум за почеток на преговори. Професорот Миле Димитровски е член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот oбјаснува како ќе се одвива контролата: „Програмата се изведува така што со посебно возило со неколку камери и со некоклу стручни лица се прави снимање на патот. Таа снимка потоа е достапна за сите. Може виртуелно да се извози патот“.

Камерата на најважните патни правци во Македонија ќе може да сними оштетувања во изболиство. На автопатот Скопје-Велес мора да се вози многу внинателно. На коловозот се забележуваат длабоки дупки. Возачите ги револтира тоа што оштетувањата што во Европа се поправаат веднаш, на македонските патишта стојат со месеци. „Никакви се патиштата, нема заштитни огради полни се со дупки“. Патиштата се многу лоши, многу лесно можеш да си го оштетиш автомобилот“, велат граѓаните.

Македонија заостанува зад европските стандарди

И сообраќајните експерти укажуваат дека безбедноста на македонските патишта заостанува зад европските стандарди. Како потврда на ваквата неповолна оценка го соопштуваат податокот дека се идентификувани 160 црни точки: Опасни кривини, лоша сигнализација, непрегледни патишта. Проблемите се толерираат со години, а тие редовно го земаат својот данок во крв. Македонија дури годинава изработи стратегија за развој на патната инфраструктура во наредните пет години. Предвидена е изградба на нови коловози и проширување и реконструкција на постоечките. Граѓаните со право бараат модерни и сигурни патишта кои ќе ја однесат земјата во Европа. Државата им наплатува пари за таа намена и должна е да им овозможи безбеден патен сообраќај.

Малку средства се влеваат во реконструкција на патиштата

Професорот Вулнет Палоши, член на републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот вели: „Едно од прашањата е колку ние инвестираме во сообраќајот, за да можеме да бараме потоа од таа имплементација да има резултати. Ако сфатиме, дека со регистрацијата на возилото и со купување на горивото секој граѓанин учествува со свои средства, тогаш тој сооднос треба да се врати на патиштата. Но, за жал со нашите закони е предвидено само мал дел, 20 проценти, од тие суми да се вратат на патиштата. Ако ги немаме тие пари, не можеме да градиме патишта, или ги градиме со лош квалитет, а уште полоши и не ги одржуваме“, вели Палоши.

Црната статистика покажува дека во Македонија секој ден се случуваат во просек по 12 сообраќајни несреќи. Неделно гинат по тројца, а минатата година животот во сообраќајки го загубиле 162 лица.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска