1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црвенковски: „Си го враќаме парламентот и улицата назад“

Македонската опозиција рано утрово треба да го продолжи од синоќа (23.12) започнатиот протест пред Собранието, откако владата соопшти дека вчеравечер го усвоила и доставила до парламентот дополнетиот предлог буџет.

„Од вечерва чекориме за нешто поскапо, многу повредно од буџетот за 2013. Ако продолжи вака, утре власта ќе суспендира и Устав и дебата, ќе изврши убиство пред наши очи на демократијата на Македонија“, порача лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски пред насобраните симпатизери. Тој додаде дека од вчеравечер опозицијата си „го враќа и парламентот и улицата назад“.

Владата на Република Македонија вчеравечер соопшти дека го усвоила предлог-буџетот за следната година. Како што соопшти владината прес-служба, тоа е сторено откако претходно, согласно закон и процедура, ги доби од Собранието на Република Македонија извештаите на собраниските комисии во однос на предлог-буџетот.

Опозицијата го тврди спротивното – дека расправа во комисиите воопшто немало и затоа излезе на протест пред македонското собрание. Пратениците од опозицијата, пак, останаа да преноќат во парламентарната зграда, со цел, како што рекоа, да ја спречат власта да изврши пуч во земјата.

За денеска пред парламентот е најавен и контра протест на граѓани незадоволни од опозицијата поради, како што тие сметаат, нејзиниот обид да го блокира донесувањето на буџетот.