1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црвенковски и Груевски ќе ја утврдат заедничката позиција во спорот со името

Пред доаѓањето на посредникот на ОН во спорот на Македонија и Грција околу името, Метју Нимиц, македонскиот претседател и премиерот на заедничка средба ќе го потврдат единствениот став дека нема менување на уставното име на земјата.

default

Статусот на Косово и спорот околу името со Грција се надворешно политички приоритети кои бараат единствени и заеднички ставови меѓу претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски, како носители на извршната власт во Македонија. И двајцата ги потврдија своите средби за овие прашања. До петок, кај шефот на државата, ќе дојдат премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски. Разговорот ќе се одржи пред да се разговара со посредникот на ОН околу името, Метју Нимиц. Државниот врв не смее да манифестира никаков сомнеж за разлики во спорот со името, потенцира шефот на државата:

“Значајно е на тие средби и разговори и владата на Република Македонија и функцијата претседател на држава да настапат со исти позиции, целосно усогласени и координирани, бидејќи секоја разлика, макар и во нијанса, може да биде протолкувана на погрешен начин. ’

Груевски, пак, со изјава:

“Ќе имаме средба во петок за тоа прашање и ќе ја направиме таа координација“.

Ваквите изјави претседателот и премиерот ги дадоа по ручекот во Синодот на Македонската православна црква. Глетката од ручекот кај поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан беше интересна. Наспроти Синодот седеше претседателот Црвенковски, а од неговата лева и десна страна седеа премиерот Груевски и претседателот на парламентот, Георгиевски. Тој телевизиски кадар како да најавува посмела политичка кохабитација меѓу претседателот и премиерот. Нивните односи се замрзнати по бојкотот на новогодишното обраќање на шефот на државата и отворената афера со шверцот со оружје и сомневањата за вмешаност и на високи функционери во Генералштабот на АРМ, за што шефот на државата побара специјална информација од владата. Црвенковски претходно најави дека ќе го свика и својот Совет за национална безбедност, веднаш по парламентарните избори во Србија. Од нив, од планот на Ахтисари и меѓународната заедница ќе зависи идниот статус на Косово, со кого Македонија сеуште нема обележана граница. Без оглед што владеачката ВМРО ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски ја спорат легалноста на изборот на претседателот Црвенковски, отсуството на нивната меѓусебна комуникација и ривалитет ги загрозуваат надворешно-политичките и безбедносните приоритети каде што имаат поделени надлежности, но и одговорност.