1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црвенковски ги подели политичарите и експертите

Враќањето на Бранко Црвенковски на лидерската позиција во СДСМ изминатава недела предизвика лавина партиски и експертски мислења во Македонија.

default

Бранко Црвенковски, новиот лидер на СДСМ

Фален и обожуван од неговите сопартијци, како спасител и обединител прво на раскараната и на клановски поделена партија, а потоа и на целиот опозициски блок, Црвенковски вети само работа и брза консолидација на партијата за од есен да почне со ситнење на рејтингот на власта. Оттаму, пак, секојдневно излегуваат со некое соопштение или став за него и посебно за неговите најблиски соработници. За многумина тие беа изненадувањето на старо-новиот лидер, какво што тој обично сака да приредува, додека за неговите соперници тие се стари кадри и инсталации кои ги кочеле реформите.

Во секој случај, никој не остана рамнодушен

Власта во ликот и особено умеењето на Црвенковски повторно доби противник за респект, иако постојано повторува дека е тоа веќе видена и прочитана приказна, истрошен политичар, заштитник на олигарсите.

Неговите сопартијци и целата опозиција повторно добија лидер кон кого никој нема никакви задршки. Неспорен авторитет, што доби еднодушна поддршка на двата последни конгреси на СДСМ за неполни две недели.

Црвенковски во единствениот настап по Конгресот за консолидација во Охрид во јавноста настапи само еднаш, кога во интервју за телевизијата А1 соопшти дека партијата ќе работи интензивно цело лето за да се екипира и подготви за есен, за кога се очекува да се појави со нова програма.

„Значи, идејата е во следните два, два и пол месеци или за време на годишните одмори, да ги завршиме внатрепартиските подготовки за да можеме на 1 септемрви со полн капацитет да се спротивставиме на политичката сцена на оваа власт,“ изјави Црвенковски.

ВМРО- ДПМНЕ: Црвенковски е веќе видена приказна

ВМРО-ДПМНЕ побрза и преку лидерот и преку гласноговорникот на неколку пати да повтори дека Црвенковски за граѓаните е веќе видена приказна. Дека исто важи и за неговите нови соработници, меѓу кои за новиот потпретседател Јовановски веќе успеја да исплете и приказани за неговата огромна моќ во банкарскиот сектор. Шлагот на тортата е немањето програма, што сметаат во ВМРО -ДПМНЕ, нивните опоненти ги прави несериозни.

Mazedonischer Präsident, Branko Crvenkovski

Во времето додека беше македонски претседател

Експертите со различни мислења

Реакциите во македонската медиумска и експертска јавност се поделени, како што се поделени и политичарите.

Професорот и политички аналитичар Мерсел Биљали смета дека враќањето на Црвенковски во СДСМ ќе биде добро за целата опозиција.

„Очекувам дека ќе има многу случувања во опозицијата која ќе се окрупни, бидејќи власта за многу прашања веќе завршува неславно, почнувајќи од евроатлантските процеси, меѓунационални односи или економски состојби“.

Спротивнио е мислењето на аналитичарот Владимир Божиновски, кој смета дека не може да се дојде до реформирање на партија со стар лидер.

„Не може да имаме реконструкција на некоја партија ако лидерот остане ист. Секаде во светот, ако некој лидер загуби на избори, се менува и на негово место доаѓа нов. Кај нас, значи во СДСМ, имаме ситуација 18 години да имаме ист човек за лидер. Не можеме да очекуваме поголеми промени ако човекот што одлучува е истиот“, вели Божиновски.

И весниците, во најголем дел, се поделени во ставовите.

Нова Македонија коментарот од петокот посветен на враќањето на Црвенковски во старата партија сигнифантно го наслови „Ресетиран папа со стари акцијаши“, во кој наведува дека Црвенковски, иако има 20-годишно лидерско и државничко искуство, сепак, не се покажал на функциите. Коментарот е на неговиот најжесток медиумски критичар во последните десетина години.

Неделникот „Фокус“, пак, прави психолошки профил и на Црвенковски и на Груевски, насликувајќи ги како авторитарни водачи.

Во основа Груевски е истото што и Црвенковски, но со триплирана доза пропаганда и двојно поголем чалам. Обајцата се скарани со демократијата и пазарната економија. Проблемот е, наведува „Фокус“, што Црвенковски не пројавува ниту минимум амбиција за самоменување ниту во третиот обид за враќање на премиерската позиција.

.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM