1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Црвениот крст ги спасува сиромашните во Европската унија

Економската криза во Европа доведе до драстично осиромашување на граѓаните низ целиот континент. На помош е повикан и Црвениот крст кој е ангажиран за спас на граѓаните во земјите од ЕУ, особено во Шпанија и Бугарија.

„Нашата помош им е потребна и на луѓе од средната класа кои во домаќинството загубиле едно или две работни места“, вели портпаролот на Црвениот Крст Хозе Хавиер Санчез Еспиноза. Поради растечката сиромаштија, Црвениот Крст дели помош во храна во 20 земји-членки на ЕУ. Само во Шпанија околу три милиони луѓе зависат од неа. Тие не добиваат само храна од организацијата, туку и субвенции за кирија и за сметките за струја и вода.

Социјалните последици од економската криза го вознемирија и претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо, кој најави дека оваа тема ќе ја постави на следниот самит на ЕУ. Опасноста од трајна сиромаштија е особено голема меѓу младите луѓе, мигрантите и самохраните родители, се наведува во извештај на ЕК.

Галопирачка сиромаштија

„Против раслојувањето на општеството мора да се бориме на сите нивоа. Тоа треба да започне со воведување на минимална плата која ќе биде доволна за основна егзистенција“, вели Кристоф Бутервеге, политиколог и експерт за сиромаштија во разговор за ДВ.

Од почетокот на економската криза во 2008 година, според проценките на ЕУ, во речиси половината од земјите-членки на ЕУ се зголемила опасноста од сиромаштија. Најдраматична е состојбата во Бугарија, каде во 2011 година речиси половина од населението било на границата на сиромаштија и социјална помош. Апелот на Црвениот Крст уште еднаш ги потенцира големите разлики во рамките на ЕУ. Во Германија оваа организација нема потреба да дели помош. Во Грција, од друга страна, многу граѓани повеќе не можат да си дозволат ниту здравствено осигурување.

Кампања во Шпанија

Christoph Butterwegge Armutsforscher

Кристоф Бутервеге

„Доколку земјите се сиромашни и немаат доволно средства, тогаш организациите мораат да им помогнат на луѓето во неволја. Ова е нов развој во Европа“, вели Фредрик Баркенхамар од германскиот Црвен Крст. Повеќе погодени од кризата се земјите во Источна Европа каде луѓето имаат помали заштеди, а социјалниот систем е полош во однос на земјите од Средна и Западна Европа.

Во Шпанија е организирана и кампања за помош на граѓаните кои се најтешко погодени од кризата и високата невработеност. Под мотото „Токму сега“ во следните две години треба да бидат собрани околу 30 милиони евра за околу 300 илјади луѓе кои се најпогодени од кризата. Низ целата земја се организирани собирни пунктови.

„Тоа е само капка во морето. На тој начин можеби ќе успееме да им помогнеме на некои луѓе, но тоа не е решение за проблемите. За да го решиме проблемот, ќе мора да ги промениме економската, социјалната и даночната политика“, вели Кристоф Бутервеге.