1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црвената линија на Груевски: заштита на идентитетот и географска одредница во заграда

Во серија телеграми објавени на Викиликс, се открива ткн. црвена линија на македонската влада во однос на преговорите за името со Грција. Милошоски се жалел од Груевски пред американски дипломати.

default

Викиликс ја открива „црвената линија“ на македонскиот премиер

Црвената линија на македонското државно раководство во преговорите со Грција околу спорот за името е географска одредница во заграда и признавање на јазикот и нацијата како „македонски“. Ваквиот став, македонскиот премиер Никола Груевски му го пренел на американскиот амбасадор Филип Рикер во Скопје на 29 септември 2008 година, се наведува во телеграма на амбасадата на САД објавена на Викиликс.

Разговорот се водел веднаш по пристигнувањето на Рикер, како нов амбасадор на САД во Македонија. Груевски го уверувал Рикер дека тој и тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски имаат многу слични ставови во врска со решението на спорот, но позициите им се разликуваат единствено во однос на тоа како предлогот да и се сервира на јавноста. Притоа, Груевски го критикувал Црвенковски дека премногу отворено дискутира за црвените линии во јавноста.

„Зачувување на нацијата и јазикот како „македонски“, сличен опсег на употреба на новото име како и актуелното ФИРОМ (само во меѓународни институции, не и билатерално), и географска одредница за името, но само во заграда“, рекол Груевски.

Македонскиот премиер стравувал дека доколку овие ставови бидат јавно изнесени, Грција ќе ги земе здраво за готово како веќе добиени концесии и ќе ги користи како нова стартна позиција во преговори.

САД загрижени поради Скопје 2014.

Во депеша од разговори на поранешниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски и на Груевски со Рикер, водени во Скопје во јануари 2009 година се откриваат детали за односите во Владата и критиките на САД за проектот Скопје 2014.

Првиот американски дипломат во Скопје разговарал со највисоките претставници на македонските власти за да им ја пренесе загриженоста поради проектот Скопје 2014, преименувањето на патиштата и стадионот во Скопје со имиња на антички јунаци и „ултра-националистичките“ и „расистички“ пораки упатувани преку државната телевизија (видео-спотот Божја молитва емитуван на МТВ, н.з.).

Antonio Milososki

Милошоски се жалел од политиката на Груевски

На забелешката на Рикер дека овие проекти и одмагаат на државата и придонесуваат за губење на симпатиите за земјата во Вашингтон, тогашниот шеф на дипломатијата Милошоски најпрво го бранел проектот, објаснувајќи го како „средство за одбрана на македонскиот идентитет од грчките провокации“. Но подоцна во текот на разговорот го сменил ставот и на Рикер му објаснувал дека е многу „фрустриран поради тоа што треба да води дипломатија при такви одлуки кои ги носат неговите претпоставени (Груевски)“. Со оглед дека средбата се одржувала во пресрет на претседателски избори во земјата во 2009, Милошоски на Рикер му рекол дека се залага за непартиски кандидат за претседател на неговата ВМРО-ДПМНЕ и дека негов избор е Срѓан Керим.

Расизам во „Божјата молитва“

Амбасадорот Рикер на одвоени разговори со Милошоски и со Груевски го изразил и незадоволството поради расистичкиот спот „Божја молитва“ емитуван на МТВ во кој се тврди дека „господ од Македонците ја зачнал белата реса и со нив го населил светот се до Јапонското море“. Милошоски и Груевски тврделе дека не знаат ништо за спотот, но шефот на кабинетот на македонскиот премиер, Мартин Протоѓер го оценил истиот како „чист фашизам“ и рекол дека презел мерки за да се истражи случајот и да се казнат одговорните.

Две години по тој разговор на Протоѓер со американските дипломати, видео-спотот „Божја молитва“, годинава беше прикажан на прославата на Илинден на Мечкин Камен.

Автор: Борис Георгиевски/викиликс

Редактор: Симе Недевски