1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ципрас: Планот за штедење во Грција пропадна

Алексис Ципрас, шефот на левичарската коалиција СИРИЗА, сака да стави крај на програмата за штедење по изборите во јуни. Тој за Дојче веле изјави дека политиките на ЕУ пропаднаа.

Радикалната левица на Ципрас го освои второто место на изборите од 6-ти мај. Но, партијата се надева дека ќе го преземе водството по новите избори во јуни, за кога тој заговара отфрлање на мерките за штедење и работа во насока на економски раст и правда.

Regierungskrise in Griechenland

Ципрас тврди дека заедно со сопартијците и порано ги критикувал структурите на грчката држава

„Камен темелник на европските политики е демократијата, а не штедењето. Сите ние треба тоа да го почитуваме. Ако луѓето ги корегираат погрешните политики преку избори, партнерите во договорот треба да седнат со новите претставници на народот и да проверат што тргна наопаку. Начинот на кој конзервативните или водечки сили во Европа реагираат на плачот за помош на грчкиот народ е оцрнет од вина, бидејќи тие не се подготвени да прифатат дека тие направија грешки“, изјави Алексис Ципрас за Дојче веле.

До кога Германците ќе фрлаат пари?

Тој не дава прецизен одговор со кого сака да преговара во Европа, ако сите се држат до она што го кажале и одбиваат да влезат во нови преговори.

„Не познавам европски договор што би забранил други политички сили да дојдат на власт. Ако грчкиот народ не‘ изгласа да дојдеме на власт, тогаш сите европски партнери, без оглед дали политички се согласуваат со нас или не, ќе треба да ја прифатат таа одлука“, забележува Ципрас и додава: „Не бараме ништо апсурдно ако побараме компромис од нашите партнери. Програмата што беше користена во Грција пропадна“.

Ципрас вели дека неговата левичарска коалиција им се обраќа на германските граѓани како даночни обврзници со едно прашање.

„Колку долго ќе ги фрлате вашите пари во бунар без дно? Не можете постојано да продолжувате со инвестирање во неефективна програма, бидејќи ако тоа продолжи, за неколку месеци на Грција ќе и’ биде потребен трет пакет заеми и второ кратење на долговите. Она што е апсурдно е продолжувањето на европските влади со нивната грешка. А, грешката мора да биде поправена“, нагласува Ципрас.

ЕУ виновна за кризата

Griechenland Wahlen 2012 Linke Alexis Tsipras

Алексис Ципрас прашува - до кога Германците ќе фрлаат пари во бунар без дно?

Тој смета дека треба да се бара причината за кризата и неа ја наоѓа во слабоста на Европската централна банка, која според него не ја исполнила улогата на централна банка на монетарната унија. Од друга страна, причина за кризата Ципрас гледа и во политичката слабост на ЕУ да се наметне на финансиските пазари.

Шефот на СИРИЗА се согласува дека дел од договорот за заем, освен кратењата во платите и пензиите, се и структурните реформи, кои подразбираат борба против корупцијата и затајувањето данок. Ципрас вели дека тој и неговите сопартијци и во минатото ги критикувале структурите на грчката држава и оти барале менување на многу работи.

„Но, за успешна примена на структурните реформи е потребна стабилна економска средина. Кога ќе се најдеме во петта година на рецесија, како резултат на што бруто домашниот производ во земјата е намален за 20 проценти, и кога ќе се најдеме во економско пропаѓање какво што не искусила ниту една европска земја во мирновременски услови, тогаш е невозможно да се спроведуваат некои од посакуваните реформи“, забележува Алексис Ципрас во интервјуто за Дојче веле.

Во однос на приватизацијата, тој смета дека „енергијата и телекомуникациските индустрии мораат да бидат национализирани, затоа што во спротивно граѓаните ќе мораат да плаќаат ужасни цени“.