1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна дипломатија во Европа

З.Јордановски/дпа/афпд6 јули 2015

Во телефонски разговор со Ангела Меркел, грчкиот премиер Ципрас за утре вети нови предлози за надминување на кризата. Трескавична кризна дипломатија во ЕУ по неочекувано убедливото „не“ од Грците.

https://p.dw.com/p/1FtZg
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Германскиот канцелар Ангела Меркел денеска во телефонски разговор со Алексис Ципрас, според информации од владини кругови во Атина, се согласиле дека на утрешниот вонреден самит на 19-те земји од еврозоната грчкиот премиер треба да поднесе нови предлози за можно решение на длабоката должничка криза во која се наоѓа Грција. Самитот, инициран од Меркел, ќе се одржи во Брисел, а ќе му претходи и средба на министрите за финансии од Еврогрупата.

Од кабинетот на Меркел е соопштено дека таа засега не гледа основа за преговори за спасување на грчките државни финансии: „Со оглед на вчерашното решение на грчките граѓани во моментов нема предуслови за да се стапи во преговори за нова програма за помош“, рече портпаролот Штефан Зајберт во Берлин. Според него, сега треба да биде испитано како би можело на им се помогне на грчките граѓани - сето многу ќе зависи од тоа „какви предлози ќе поднесе грчката влада“.

Безбројни разговори во барање излез

Откако беа познати резултатите од неделниот референдум во Грција, во ЕУ се одвива трескавична кризна дипломатија во обид да се изнајде решение во новонастанатата ситуација. Квечерина во Париз ќе се одржи средба меѓу Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд. Претходно Оланд веќе разговарал по телефон со Ципрас и со претседателот на Грција Прокопис Павлопулос. Ципрас во меѓувреме го назначи досегашниот главен грчки преговарач Евклидес Цакалотoс за нов министер за финансии, на местото на Јанис Варуфакис кој ненадејно претпладнето поднесе оставка.

Владите во Париз, Рим и Виена побараа од Атина нов приод за решение на кризата. Францускиот министер за финансии Мишел Сапен сигнализира готовност да се преговара за намалување на грчкиот должнички товар.

Griechischer Politiker Euclid Tsakalotos
Евклидес ЦакалотoсФотографија: picture-alliance/NurPhoto/W. Aswestopoulos

Претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер телефонирал со претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск, со шефот на Еврогрупата Јерун Дајселбелум и со претседателот на Европската централна банка Марио Драги. Според грчки медиуми, и Ципрас разговарал со Драги. Министерот за финансии на Словачка, Петер Казимир, предупреди на тоа, врз основа на референдумот сега да не се случи Атина „полесно да дојде до пари“.

Алексис Ципрас телефонски разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин, кого го информирал за исходот на референдумот. Во соопштението на кабинетот на Путин не е изречно спомената можна финансиска помош од Русија за Грција.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема