1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Цинична е одлуката за одземање на дозволата на А2

Советот за радиодифузија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на телевизија А2, поради репризата на програмата и забавните содржини. Синдикатот на македонските новинари жестоко ја критикува ваквата одлука.

Реакција за згаснувањето на А2 стаса од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија. Синдикатот е згрозен од веста за одземањето на концесијата на телевизија А2, во период на консолидација на медиумот, која понуди можност за повторно вработување на голем број новинари, што останаа без редовни примања по затворањето на телевизија А1, стои во соопштението од ССНМ.

„Особен револт предизвикува цинизмот во образложението на Советот за радиодифузија за одземањето на правото на зрачење поради ’непочитување на програмската шема’. Во услови кога на македонскиот медиумски пазар се кршат правилата на СРД по сите основи и тоа секојдневно, броењето на проценти на забавната програма е хипокризија која ниту се обидува да биде сокриена“, се вели во соопштението на ССНМ.

„Коинциденцијата“ на датумот на седницата на која е донесена одлуката за одземањето на концесијата на ТВ А2 со договорот за декриминализација на клеветата, според синдикатот не ја намалува тежината на одлуката со која „редица наши колеги повторно се соочуваат со невработеност, ниту сомневањата дека станува збор за селективна примена на законите за пресметка со критичкото новинарство“.

Според синдикатот, ова само потврдува дека продолжува трендот кој ја доведува Македонија на дното на листата земји според слободата на изразувањето и социјалните права на медиумските работници.

Советот за радиодиуфузија на денешната седница ја донесе одлуката за одземање на дозволата за работа на телевизијата А2, според член 63 од Законот за радиодифузна дејност. Советот за радиодифузија констатира дека и покрај дадените неколку рокови да го усогласи работењето со Законот за радиодифузната дејност и условите од дозволата, сателитското трговско радиодифузно друштво А2 Телевизија не ја прилагодило програмата согласно добиената дозвола.

Имено, последниот мониторинг на програмскиот сервис на телевизијата А2 покажал дека овој радиодифузер наместо најмногу 65% програми што исполнуваат забавна функција, емитува 75,68%, а повеќе од две третини се репризни изданија. „Редовните мониторинзи на програмите на радиодифузерите покажаа сериозни остапувања во форматот на телевизија А2“, соопшти Советот за радиодифузија.

Во периодот од февруари оваа година, СРД во неколку наврати и’ укажувал на телевизијата А2 да се прилагоди кон условите од дозволата и кон Законот за радиодифузната дејност. За таа цел членовите на Советот и лично го информирале управителот на А2, како и стечајниот управник.