1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Циклонот „Фаилин“ беснее во Индија

Циклонот „Фаилин“ со брзина на ветрот до 200 километри на час удри на источниот брег на Индија. Погодени се 12 милиони луѓе, а засега се јавува за седум загинати лица.

Силниот циклон „Фаилин“, кој стигна до источниот брег на Индија, предизвика пустош. Според официјални информации, седум луѓе загинаа во неговиот налет, при откорнувањето дрвја и уривањето куќи. Шестмина загинаа од искорнати дрва, а една повозрасна жена била затрупана под урнатините на една зграда. Очевидци денеска (13.10) сведочат за бројни поплави, однесени автомобили од водата и уништени далноводи на електричната енергија.

Поради стихијата евакуирани се околу еден милион луѓе од крајбрежните региони на сојузните држави Ориса и Андра Прадеш. Од невремето вкупно се погодени околу 12 милиони луѓе. Циклонот е придружен со ветрови кои се движеа со брзина од 200 километри на час. Во спасувачките операции вклучени се 10.000 војници, 40 авиони и 20 хеликоптери, кои поради силниот ветар не можат ефикасно да ги извршуваат операциите на спасување.

Невремето утрово почнува да губи на сила, брзината на ветрот е намалена на 110 километри на час. Метеоролозите предвидуваат натамошни врнежи од дожд. „Фаилин“ е најсилната бура што ја погоди Индија во последните 14 години.

Во меѓувреме на Филипини продолжува да беснее тајфунот „Наири“, кој досега однесе 13 човечки жртви. Од налетот на тајфунот се однесени покривите на десетици илјади куќи, а урнати се и дрвја и столбови на далноводите за електрична струја. Делумно во засегнатите области нема струја. Според властите, погодени се околу два милиона луѓе. И покрај предупредувањата на метеоролозите, главниот град Манила не е поплавен. Но, сега се заканува опасност од друга страна - кон источниот брег на Филипините се приближува тропска бура.