1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЦИА планирала атентати врз терористи на Ал Каеда?

Американскиот весник „Вол стрит журнал“, цитирајќи поранешни раководители на ЦИА, без да ги именува, објави дека ЦИА планирала атентати врз терористи на Ал Каеда.

default

Весникот наведе дека не е јасна причината поради која планот бил чуван во најстрога тајност, а ЦИА одби да ги коментира наводите.

Иницијативата никогаш не станала оперативна, а Леон Панета, новиот шеф на ЦИА, одлучил да ја укине веднаш откако дознал за програмата, на 23 јуни годинава.

Повикувајќи се на тројца разузнавачки агенти, кои говореле под услов да останат анонимни, „Вол стрит журнал“ пишува дека во 2001, ЦИА разгледувала план за атентати врз водачите на Ал Каеда.

Чејни држел во тајност програма на ЦИА

Поранешниот американски вицепретседател Дик Чејни осум години пак држел во тајност антитерористичка програма на ЦИА. Тој и’ дал налог на ЦИА да не ги информира Сенатот и Конгресот за тајната програма.

„Борбата против теророт“ на владата на поранешниот американски претседател Џорџ Буш повторно ја разбранува јавноста во САД.

Пратеникот на демократите Патрик Марфи, беше повеќе од лут, откако ги прочита информациите во „Њујорк Тајмс“.

Поранешниот вицепретседател Дик Чејни држел во тајност антитерористичка програма на ЦИА. Имено, во САД вообичаена е постапката да владее највисок степен на тајност за активностите на тајната служба, но за тоа досега биле информирани осумте најважни пратеници во парламентиот: четворица водечки членови на контролниот одбор за тајни служби, како и шефовите на пратеничките групи на демократите и републиканците во Претставничкиот дом. Но, во конкретниот случај, оваа постапка очигледно била прескокната.

Leon-Panetta designierter CIA Chef 2006

Леон Панета

Деталите не се соопштуваат

Изворот на информациите е новиот директор на ЦИА, Леон Панета, кого претседателот Барак Обама на почетокот од годинава го именуваше за нов шеф на тајната служба. Панета, откако дознал за неа, веднаш ја стопирал програмата. Се’уште не е познато што опфаќала програмата, ваквите информации и понатаму се држат во тајност.

Претседателот на парламентарниот одбор за контрола на работата на тајните служби, Силвестер Рајс, во интервју за националната радио станица НПР изрази желење оти не смее да зборува за случајот. Но, пратеникот сепак обелодени дека станувало збор за програма со висок степен на тајност, која би имала сериозни последици во меѓународни рамки. Претседателот на одборот за тајните служби, во интервјуто за радиото беше прашан и дали смета дека поранешниот вицепретседател на САД, Чејни, на овој начин го прекршил законот за национална безбедност? Сивестер Расјс смета дека според мислењето на политичарите од редовите на демократите, Чејни повеќе пати го прекршил законот. Станува збор за тоа пратениците да ги добијат основните инфирмации, за да може да имаат надзор над ЦИА, смета Рајс.

Критика за праксата, активностите на ЦИА да се чуваат во најголема тајност, во меѓувреме доаѓа и од страна на политичарите од редовите на Републиканците, но тие исто така им префрлуваат на Демократите дека ја преценуваат програмата и дека сега играат политичка игра.


Автор: АТ/ Клаус Кастан/ дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска