ЦИА истражувала рудник на ураниум во Македонија | Македонија | DW | 08.01.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЦИА истражувала рудник на ураниум во Македонија

Американска разузнавачка агенција уште од средината на минатиот век активно ја следи состојбата со можното наоѓалиште на ураниум во Македонија, покажуваат документи кои се отворени за јавноста, јавува Миа.

Американската ЦИА од средината на минатиот век постојано врши анализи на македонските ресурси и рудни богатства. Една од овие проценки, од октомври 1955 година, била заведена како таен документ во архивите на ЦИА и во неа се наведува дека Македонија располага со ураниум, во близина на границата со Грција.

"Најбогатите наоѓалишта на ураниумска руда во Југославија се смета дека се во близина на југословенско-грчката граница, во планините јужно од Битола. Рудата се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат диатомејска глиница (диатомејска земја). Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде би се отворила постројка за дробење на рудата. Изградбата на оваа жичница се проценува на милион динари“, пишува во информацијата која е достапна за јавноста, но откако значителен дел од документот претходно бил избришан. Овој кус податок е најинтересното сознание од записите за рудните богатства на Македонија кои ЦИА ги има отворено за јавноста. Од другите македонски ресурси, ЦИА го нотирала

постоењето на рудникот за злато Дудица кај Демир Капија, за кој забележува дека германските окупациски сили сакале да го експлоатираат во текот на Втората светска војна, а во времето на Југославија биле извршени пробни копови и се утврдило дека златната жила продолжува до границата со Грција.

За рудникот за хром Цер во близината на Кичево записите во архивите на ЦИА се толку детални што е забележан не само капацитетот на рудникот и механизацијата со која рудникот располага, туку и имињата на тогашните управители Ристо Влахов и Иван Георгиевски, како и тоа дека германски воен заробеник по име Хојнц работи на одржување на механизацијата во рудникот. Документот, изработен во 1953 година, не содржи информација дали ЦИА имала некои планови во врска со овој рудник. ЦИА под ознаката доверливо, ги бележела имињата на управителите и на хидроцентралата Маврово, како и другите помали енергетски инсталации кои функционирале во 1950-ите години во Македонија, како и имињата на раководството на градежната компанија Бетон.

Ураниумот и во Викиликс

Но, информациите за резервите на ураниум во Македонија се од најголем интерес, имајќи ги предвид повремените иницијативи за изградба на нуклеарна централа во Македонија. Објавувањето на тајните документи на американскиот Стејт департмент од страна на организацијата Викиликс откри дека американскиот интерес за македонскиот ураниум не завршил во 1950-те години. Во еден од овие документи, подготвени во 2008 година, штотуку пристигнатиот амбасадор Филип Рикер во разговор со премиерот Никола

Nikola Gruevski und Philip Reeker in Skopje

Филип Рикер и Никола Груевски

Груевски се интересирал до каде се македонските планови за развој на наоѓалиштата на ураниум. За САД, ова било можност и да се спречи проширувањето на руското влијание во регионот, преку нивните инвестиции во снабдувањето со гас.

„Амбасадорот сугерираше тој и премиерот подетално да разговараат за македонската енергетска ситуација. Ја разбираме македонската зависност од рускиот гас, но средбите на високо ниво, како посета на Груевски на Москва, не би биле препорачливи, имајќи ја предвид состојбата во Грузија. Премиерот додаде дека Македонија плаќа значително повисока цена за рускиот природен гас во споредба со другите земји во регионот. Амбасадорот се интересираше за статусот на потенцијалните рудници за ураниум во Македонија, кои Груевски ги спомна кога неформално се сретнаа во Њујорк. Груевски одговори дека се‘ уште се потребни дополнителни истражувања. Доколку се дојде до заклучок дека треба да се оди понатаму со нивна експлоатација, македонската Влада би требало да реши дали тоа да го прави преку државна компанија или да го отвори процесот за приватна конкуренција“, пишува во белешката на американската амбасада од септември 2008 година, која беше објавена во рамките на аферата Викиликс. Во оваа белешка не се наведува каде се наоѓаат овие потенцијални резерви на ураниум на македонска територија, односно дали се работи за истата локација која ЦИА ја имала забележано пред 60 години.