1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

“Цеховите мораат да ги плаќаат обичните луѓе”

Во Германија до крајот на 2007-ма година ќе бидат остварени за 61 милијарда евра помали даночни приходи од планираните, велат најновите даночни проценки, објавени вчера. Опозицијата ја обвинува владата за погрешна политика во економијата и на пазарот на работна сила

Сојузниот министер за финансии Ханс Ајхел

Сојузниот министер за финансии Ханс Ајхел

Сојузниот министер за финансии Ханс Ајхел исклучи натамошни кратења во социјалната сфера и зголемување на данокот како мерки за затворање на дупките во буџетот. Тоа, пак, би значело ново задолжување на државата во наредните две години за многу повеќе од десет милијарди евра. Највисок приоритет останува поголем стопански пораст и помала невработеност. “Обете можеме да ги оствариме само ако веќе договорените и реформите што претстојат, со товарот што ќе им го донесат на луѓето во наредната година, не бидат уште и заострени со дополнителни големи пакети од мерки за штедење или зголемување на даноците” – рече Ајхел.

Потпретседателот на фракцијата на опозиционите демохристијански партии на Унијата Фридрих Мерц, по објавувањето на даночните проценки, и‘ префрли на владата за погрешна политика во економијата и на пазарот на работна сила: “Економијата и натаму во назадување, пазарот на работна сила во слободен пад, а цеховите мораат да ги плаќаат обичните луѓе. Штедните книшки на нашите деца сега се дефинитивно на удар да бидат испразнети. Сето тоа има едно име: црвено-зелена коалиција”.

Генералниот секретар на ЦДУ Лауренц Мајер оцени дека буџетот на министерот Ајхел пукнал како меур од сапуница: “Буџетот е намерно така манипулиран, што од надвор да изгледа како да ќе го исполни трипроцентниот критериум. Сега се гледа дека ние бевме во право: уште при составувањето на буџетот беше јасно дека Германија годинава не ќе може да го оствари критериумот од европскиот Пакт за стабилност”.

Тоа, впрочем, не го исклучува ни самиот министер Ајхел.