1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Центарот голта се‘

Од криза е погодена цела Грција, но на северот се чини последиците се чувствуваат повеќе. Виновни се структурното запоставување на регионот и инвестициона политика што се концентрира на Атина, пишува „НЦЦ“.

default

„Невработеноста во Северна Грција со години е над просекот во земјата. Многу гастарбајтери во западноевропските земји потекнуваат од северот на Грција. Во 90-тите години на минатиот век, регионалниот бруто домашен производ на Солун и на регионот се‘ повеќе му се доближуваа на националниот просек, но тогаш дојдоа Олимписките игри. Со нив и инвестициите, како јавни, така и приватни, се префрлија во регионот на Атина, вели потпретседателот на Грчката индустриска и трговска комора, Емануил Влахојанис. Според една студија направена по налог на Комората, кризата во Северна Грција е веројатно толку голема, поради тоа што регионалната политика во првата половина од деценијата е многу запоставена. ’Немаме стопанска гранка која може да биде локомотива’, вели Влахојанис. Традиционалните индустриски гранки на Северот, како текстилната и прехранбената индустрија се ставени во силна конкурентска борба со Блискиот и Далечниот исток. Влахојанис, како трговец со текстил, ја познава оваа бранша посебно добро. Преселбата на текстилната индустрија е долгогодишен тренд во Грција. Речиси сите претпријатија произведуваат, а понекогаш се и со седиште во Република Македонија или во Бугарија“, се вели во текстот на „Ноје Цирихер Цајтунг“.

Весникот ги пренесува критиките на пратеникот Илијас Теодоридис од изборната единица Пела, кој вели дека неопходната регионализација на земјата може да се спроведе тогаш кога централизираната држава веќе не би располагала со средства од ЕУ. Централното управување со овие средства произведе „неевропски“ клиентелски систем, кој сега ја мачи Грција, констатира весникот и продолжува: „Друг проблем на Северот е што законите за поттикнување на инвестициите се исти за Атина и за Солун. Истите даночни поволности и субвенции важат за двата града и нивната околина, па многу фирми се решаваат за Атина.“

Ќе пропаднат третина од трговците на мало?

„Ноје Цирихер Цајтунг“ пишува дека Индустриската комора секои шест месеци спроведува истражување на расположението на бизнисмените и потрошувачите и дека индексот во Солун, во септември 2009 изнесувал минус 32, а во март годинава дури минус 61. Во истовреме, индексот во Грција изнесува минус 57, а во ЕУ минус 14. Во текстот натаму се вели:

„Половината од приватните потрошувачи навеле дека нивната финансиска ситуација во текот на минатата година се влошила, а една четвртина смета дека ситуацијата им е многу влошена. Намалени се и индустриското производство и нарачките. Уште полоши се изгледите во сферата на услужни дејности и трговијата на мало. Над три четвртини од трговците на мало навеле дека работата во изминатите шест месеци им оди полошо. И на приватните лица и на бизнисмените им е тешко да дојдат до кредит. Во Солун, но и во помалите градови како Јаница, многу продавници се празни. Тие се нудат на продажба или под кирија. Грчкото здружение на трговци стравува дека до крајот на годината во земјата ќе пропаднат 60.000 трговци на мало. Тоа би била една третина“, констатира „Ноје Цирихер Цајтунг“ во текстот со наслов „Центарот голта се‘“.

Автор: Ноје Цирихер Цајтунг

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска