1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Цените на храната во светот драматично растат

Поради големите суши кои ги зафатија САД и други делови на светот, цените на основните прехранбени производи се во пораст, предупредува Светската банка.

Глобалните цени на храната во јули годинава скокнале за десет отсто во однос на јуни, пченката и сојата дојдоа до рекордно ниво, а сето тоа е последица на сушното лето и високите температури во САД и источна Европа, соопшти Светската банка (СБ).

Од јуни до јули пченката и пченицата скокнаа за 25 отсто, сојата за 17, а само оризот падна за четири отсто, се вели во извештајот.

„Цените на храната значително пораснаа и се закануваат на здравјето и просперитетот на милиони луѓе“, изјави претседателот на СБ, Јим Јнг Ким, при тоа додавајќи дека Африка и Блискиот исток се посебно ранливи.

Сушата во САД предизвика големи штети на летниот род на пченката и сојата, чиј најголем извозник се САД.

Сушното лето во Русија, Украина и Казахстан придонесе за помала проекција на производството на пченица.