1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Цените во Македонија се ниски поради нискиот стандард

Истражување на Еуростат покажа дека Македонија има најниски цени во регионот, но и најниски плати со просек од околу 340 евра. Статистиката вели дека потрошувачката кошничка изнесува 200 евра, а реалноста 500 евра.

Македонија е во редот на земјите во Европа со најнизок животен стандард, но истовремено и со најниски трошоци на живот. Статистичките податоци покажуваат дека просечниот Mакедонец има за две третини понизок стандард од оној во земјите во ЕУ, односно, животниот стандард е една третина од оној на просечниот жител на ЕУ. На што се должи ваквата состојба? Која е тајната на ниските трошоци на живот во вакви услови? Според експертската јавност објаснувањето треба да се бара во теоријата, а помалку во практични и поразбирливи причини.

„При споредба на животниот стандард помеѓу различни земји како индикатор се користи Бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител, меѓутоа прилагоден за ’паритет на куповна моќ’. Тоа значи дека вкупните приходи на еден просечен граѓанин се прилагодуваат за ценовното ниво кое преовладува во земјата, за да се спореди колку добра и услуги може реално да се купат со тие приходи. Ваквата мерка за БДП покажува дека животниот стандард на граѓаните на Република Македонија е една третина од оној на просечниот ЕУ граѓанин. Според податоците на Еуростат, во Република Македонија ценовното ниво е на ниско ниво, во споредба со нивото на цените во земјите членки и земјите во регионот“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Никица Мојсоска Блажевски.

Mazedonien Land und Leute neu

Според статистиката, потрошувачката кошничка во Македонија изнесува 200 евра

Истражувањето за цените на храна, пијалоци и тутунски производи покажуваат дека цените во Македонија се речиси на ниво од половина од просечните цени во ЕУ, со мошне големо отстапување кај цените на тутунските производи, кои се 25% од просечните цени во Унијата. Слични цени според Мојсоска преовладуваат во целиот регион - Бугарија, Србија, Албанија, иако овие земји сепак се соочуваат со малку повисоки цени, особено во категоријата “млеко, сирење, јајца”. Сепак ниските цени во Македонија и регионот не се неочекувани, бидејќи постои врска помеѓу цените и животниот стандард, вели Мососка и додава:

„Со други зборови, ниските цени во Македонија се рефлексија на нискиот животен стандард. Но, во процесот на конвергенција на Македонија кон ЕУ, односно како нашиот животен стандард ќе се приближува кон оној на ЕУ, ќе се случи и пораст на нивото на цените. Притоа, посебно би ги издвоила цените на тутунските производи и алкохолот, кои како акцизни стоки подложат на различни давачки во секоја земја и оттука постојат големи разлики во нивните цени помеѓу земјите. Секако, можно е и релативно високото домашно производство на одредени земјоделски производи да врши надолен притисок на цените на одредени производи“, смета Мојсоска.

Податоците покажуваат дека Македонија е со најниски цени во регионот, но истовремено и со најниски плати со просек од околу 340 евра месечно. Сепак статистиката веќе две години не ја пресметува вредноста на потрошувачката кошничка за месечните потреби на едно семејство. Последните податоци покажуваа дека таа изнесува 200 евра, иако сите анализи покажуваа дека нејзината реална вредност е 500 евра. Во останатите земји од регионот, потрошувачката кошничка според европските стандарди е повисока од просечната месечна плата.