1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Цената на пченицата стабилна и покрај забраната за извоз на Русија

Русија е трет најголем извозник на пченица во светот. Можат ли пожарите во Русија да предизвикаат криза на пазарот на пченица и пораст на нејзината цена? Аналитичарите на пазарот на суровини очекуваат таа да паѓа.

default

Дмитриј Медведев на житните полиња во Русија

Рускиот премиер Владимир Путин деновиве издаде наредба од средината на август ни едно зрно пченица да не смее да излезе од земјата, за да не мора самата таа да плаќа повисоки цени за потребите за сопствена исхрана.

Шпекулантите ја креваат цената

Минатиот петок цената на пченицата во САД навистина скокна на 8,41 долар за шиник - мерка што опфаќа волумен од 35 литри. Тоа беше највисока вредност за последните две години и речиси двојно поголема отколку пред еден месец. Но, потоа уследи најголем пад за последните 14 години и веќе во понеделникот цената на пченицата изнесуваше 6,85 долари. Оттогаш остана на такво пониско ниво.

Deutschland Öl aus Getreide Landwirt mit Stroh

Русија го забрани извозот на пченица за да ги покрие своите потреби

„Разликата во цената над нивото од седум долари може да им се припише на шпекулантите. Сметаме дека фер-цена на пченицата е околу шест долари за шиник“, истакнува Габор Фогел, аналитичар за суровини во "DC" банката.

Тој е уверен дека нема никакви сличности со кризата во 2008 година, предизвикана од долготрајната суша во Австралија, кога гладуваа една милијарда луѓе во светот. Фогел смета дека Русија можеби и ќе се премисли од обѕири кон своите муштерии. Врз актуелната цена исто така уште не се одразија многу подобрените изгледи за жетвата во САД, најголем извозник на пченица во светот, како и во Австралија, петта меѓу извозниците.

Пораст е можен во 2011 ако Русија поради пожарите нема каде да сее

„Дури и кога би отпаднал целокупниот извоз од Русија, кој изнесува 17 ипол милиони тони, САД би можеле како од шега да го надополнат тоа и пак би им останале за 50 проценти поголеми резерви, во однос на најниското ниво од пред две-три години“, укажува Габор Фогел.

Вистински проблем би можел да настане само ако Русија поради пожарите не ќе има доволно површини за садење на зимска пченица, што би водело кон пораст на цените во 2011 година. Тоа ќе биде познато во ноември, кога е време за сеење на таа пченица. Поради промените на климата, до 2020 година може да се смета на намалување на жетвите за 4 до 7 проценти во 20-те најголеми индустриски нации, како што произлегува од една студија на банката "HSBC".

Автор: Кристијан Зипман / Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски