1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Целосна неизвесност во фудбалското првенство на Германија

Ваква ситуација досега немало во историјата на фудбалската Бундеслига: 4 екипи се борат за титулата, две за место во Купот на УЕФА и сите други за опстанок!

Радост на победникот: фудбалерите на Баерн

Радост на победникот: фудбалерите на Баерн

По победата на Баерн во дербито на 27-то коло со 2 спрема 0 против водечкиот тим на табелата Шалке, разликата меѓу нив сега, на 7 кола до крајот на првенството, изнесува 6 бодови. Вердер не ја искористи новонастаната ситуација да се изедначи со бодови со лидерот, бидејќи на гости кај Енерги во Котбус одигра само нерешено 0 спрема 0. Штутгарт си ги задржа шансите во борбата за титулата со победата над Алеманија Ахен од 3 спрема 1.

Сега Вердер заостанува два бода зад Шалке, исто толку Штутгарт зад Вердер, како и Баерн зад Штутгарт. “Чиста среќа е што ние во моментов се’ уште сме на првото место. Секако, си поставивме голема цел, сакавме овде да играме на победа. Но, мислам дека и натаму се’ е во наши раце” – рече тренерот на Шалке Мирко Сломка по поразот во Минхен.

Неговиот колега Отмар Хицфелд од Баерн напомна: “Ние едноставно мораме да носиме бодови и од гостувањата кај наводните мали тимови, инаку ништо не ни користи ако секогаш ги победуваме само големите”. Хицфелд, се разбира, кокетира со можноста за одбрана на титулата, но вели дека приоритетна е друга цел: “Постојано се зборува за првенството, но јас се концентрирам врз задачата која има приоритет, имено да обезбедиме учество во Лигата на шампионите. Тоа се’ уште не го постигнавме”.

Баер Леверкузен, по убедливата победа од 3 спрема 1 на гости против Мајнц, е на петто место, со најдобри изгледи да го задржи и да си обезбеди место во Купот на УЕФА. Конкурент му е Нирнберг, кој ја исклучи од битката Херта од Берлин совладувајќи ја во директниот дуел со 2 спрема 1. Нирнберг заостанува само еден бод зад лигашот од Леверкузен. Од тука надолу на сите екипи, помалку или повеќе, им е загрозен опстанокот во лигата.

Во вчера одиграните средби домаќините не препуштија ни бод. Хамбургер, со победата над Волфсбург со 1 спрема 0, е најуспешен тим на вториот дел од првенството, што секако е заслуга на новиот тренер Хуб Стевенс. “Пред средбата рековме дека не е битно како ќе победиме – се бројат само трите бодови. Успеавме и задоволни сме” – рече Стевенс.

Бохум го совлада Хановер со 2 спрема 0. “Важно е дека денеска победивме. И овој пат се виде дека функционираме кога е ’водата до грло‘. Така може и да продолжи” – рече капитенот на Бохум Томас Цдебел. Хановер е на седмото место, но со само шест бодови повеќе од Арминија на 16-тото место, кое веќе води во Втората лига. Арминија во петокот во Билефелд ја совлада сега претпоследнопласираната Борусија Дортмунд со 1 спрема 0. Последна е Борусија Менхенгладбах, која како домаќин одигра само нерешено 1 спрема 1 со конкурентот Ајнтрахт од Франкфурт и заостанува пет бодови до спасоносното 15-то место. Таму сега е Мајнц, со исто бодовно салдо како и Бохум пред него, а со само еден бод повеќе од Арминија.

Преглед и на други позначајни спортски настани

Германските пингпонгари имаа сјаен настап на Европското првенство во Белград: со три златни и три бронзени медали се најуспешна селекција и го постигнаа најдобриот резултат на Германија од 1962-ра наваму. 26-годишниот Тимо Бол, кој е професионален пингпонгар, во финалето го совлада бранителот на титулата од претдното европско првенство Владимир Самсонов од Белорусија со 4 спрема 1.

Левучарот Бол со три златни трофеи е најдобриот поединец на шампионатот: претходно освои златен медал и во игри на двојки, заедно со Кристијан Зис, а беше член и на победничката машка екипа на Германија. Тој веќе кова наредни планови: “Сега погледот се врти кон светското првенство. Јас реков дека тоа е кулминација годинава и се разбира, радо и таму би играл олку добро, но таму се и Кинезите и ќе биде малку потешко”.

Некогашниот светски боксерски првак, денес 43-годишниот Хенри Маске, по еднодецениска пауза успешно се врати во рингот: во борба од 12 рунди на поени во Минхен го победи една година помладиот Американец Вирџил Хил, кој е актуелен светски првак во верзијата на ВБА. Маске му се реваншира на Хил за единствениот пораз во професионалната кариера во последната борба пред 10 години. Самиот саботен дуел беше слаб, а Маске со него дефинитивно ја завршува спортска кариера: “Тоа беше мој последен настап, без дилеми”. Се проценува дека Маске за борбата добил 3, а Хил еден милион и двесте илјади евра.

Одбојкарите на Фридрихсхафен за прв пат ја освоија Лигата на шампионите, што е и најголем успех на германскиот одбојкарски спорт. Во финалето на фајнал-форот во Москва Фридрихсхафен го победи францускиот претставник Тур со 3 спрема 1 во сетови.

На крајот од прегледов и за пливањето. Светското првенство во Мелбурн помина под знакот на 21-годишниот Американец Мајкл Фелпс, кој освои 7 златни медали постигнувајќи и 4 светски рекорди, од кои едниот не му беше признат. Заедно со медалите од претходните првенства, со вкупен биланс од 17 златни и три сребрени трофеи, тој е најуспешен учесник во историјата на светските првенства. На олимпијадата во Атина забележа шест победи, а цел му е во Пекинг 2008-ма да го собори рекордот од 7 злата на една оилимпијада на Марк Спиц од Минхен 1972-ра.

Германските претставници, пак, го постигнаа најслабиот биланс од обединувањето на земјата во 1991-ва година: три сребрени и еден бронзен медал. Аника Лурц не беше разочарана со среброто на 200 метри слободно во, за неа, рекордно време: “Ако испливаш такво супер време со личен најдобар резултат, мора да им признаеш на другите ако се уште побрзи. Тогаш мора да го прифатиш и второто место. Но, јас сум супер-среќна со тоа” .