1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

ЦеБИТ со нов профил, присутна и Македонија

Годинашниот саем за компјутерска технологија ЦеБИТ завршува денеска. Меѓу учесниците беа и три фирми од Македонија, кои се задоволни од вниманието што го предизвикале кај публиката и потенцијалните партнери.

ЦеБИТ и натаму ја носи титулата најголем светски саем за компјутерска технологија, но со години му се намалуваше значењето, паралелно со тоа и бројката на посетители и изложувачи. Конкурентите како ЦЕС во Лас Вегас или Мобајл ворлд конгрес во Барселона бележеа напредок. Но, периодот на барање нов профил на саемот, се чини, помина и ЦеБИТ втора година со ред се презентира во нова форма, што придонесе и за пораст на посетеноста, како и на бројот на учесниците.

ЦеБИТ тргнува по нагорен тренд

Годинава на ЦеБИТ учествуваа 3.262 излагачи, 17 повеќе од минатата година, а изложбената површина беше поголема за 6 проценти. Саемот го посетија 201 илјада луѓе, околу шест проценти повеќе од лани. Тоа е далеку од рекордните 800 илјади посетители во 2001 година. Но, тогаш ЦеБИТ уште беше саемска манифестација првенствено наменета за публиката, додека од минатата година се профилира како бизнис-саем. На ЦеБИТ немаше спектакуларни новитети како концепт-возилото на Мерцедес, кое автономно се движи без да биде управувано од возач, што беше презентирано во Лас Вегас, или смартфонот Галакси С (ес) 6 на Самсунг. Тој е замислен како средба на професионалци со професионалци.

Cebit Startups

Голем број „старт-ап“ фирми се појавија на Цебит годинава, меѓу нив и три од Македонија

И македонски фирми имаа што да покажат

Во Хановер доминираа Кинезите со 612 излагачи. Но, на овој светски собир беше застапена и Македонија, и тоа со три фирми.

„Брансис“ од Скопје го претстави својот нов флит-менаџмент софтвер за менаџирање на флоти од возила, како и најновиот ГПС (Џи-Пи-Ес) уред, комплетно дизајниран и креиран во Македонија. Старт-ап фирмата „Клакси“ се претстави со мобилна платформа за повикување такси, кај која занимливи се уникатните технологии за наддавање на цената и за времето на пристигнување на такси-возилото. „ИнтерВоркс“ од Битола изложи повеќе концепти фокусирани на таканаречената Биг дата, потоа на електронско учење и на интеграција. Тие концепти можат да бидат применети во поголем број различни индустрии - телекомуникации, банкинг, едукација.

Сите три фирми се задоволни од реакциите на посетителите и воопшто од учеството на саемот. Од „Брансис“ велат дека посебно интересирање побудил нивниот ГПС-уред, од „Клакси“ истакнуваат дека нивната инвентивна такси-апликација го свртела вниманието, оти, како што велат за Дојче Веле, била „нешто сосема ново“ на саемот. Од „ИнтерВоркс“, пак, ги истакнуваат мноштвото позитивни реакции во однос на успехот на компанијата и на стручноста што ја нудат „иако доаѓаат од мала земја како Македонија“.

Deutschland Claxi auf der CeBIT

Штандот на македонската фирма „Клакси“ на Цебит

Битни се контактите, зделките ќе дојдат подоцна

За „Брансис“ и „Клакси“, сродни фирми, ефектот од учеството на саемот е што биле воспоставени многу нови контакти, а како што вели за Дојче Веле Бранко Трајковски, основач на „Брансис“, биле искажани и „конкретни желби за тестирање на изложените уреди и апликации во неколку европски земји“. „На саемите вообичаено склучување договори не е првенствена цел, но со оглед на бројката на контакти што ги остваривме, може да се очекува наскоро да потпишеме повеќе договори“, вели Александар Поп Ристов, менаџинг партнер во „ИнтерВоркс“, во изјава за Дојче Веле.

Бранко Трајковски вели дека е “дискутабилно што е исплатливо“, кога се во прашање ваквите манифестации, каде учеството е поврзано со високи трошоци. „Сепак станува збор за маркетинг на производот и на фирмата“. Според него, и кога нема конкретни зделки, „луѓето од индустријата те гледаат како сериозен играч. Колку повеќе си присутен на вакви настани, толку си попопуларен во самата индустрија во која ги пласираш производите“. „Брансис“ веќе четврти пат учествува на ЦеБИТ. За „ИнтерВоркс“ ова беше деби. „Учеството на ЦеБИТ за нас беше големо искуство и сметаме дека целосно се исплатеше што дојдовме. Но, тоа е многу скапо, посебно за мали компании од Македонија, како нашата“, нагласува Поп Ристов и се заблагодарува за подршката од холандската влада, која, патем, го овозможи учеството на трите фирми од Македонија.