1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

ЦеБИТ - престиж и предизвик за македонските претставници

Една македонска фирма годинава е изложувач на најважниот ИТ саем во светот ЦеБИТ 2013 во Хановер. Какви се предизвиците и што може да донесе учеството на еден ваков саем за натамошен напредок?

„Голем престиж е да се учествува на еден ваков саем, рамо до рамо со големите светски брендови. Тој секако нуди и тоа што се вели иднина“, вели Бојан Анѓеловски. Неговиот колега Богдан Ничовски програмер од фирмата „Брансис“ од Скопје вниманието го врти кон размена на искуство и раѓање на нови идеи за идната работа: „ЦеБИТ ми донесе доста нови идеи, како прво најмногу од конкуренцијата, кои што ми помогнаа да размислам околу нови имплементации во софверот. Исто така идеи кои ќе поттикнат нови производи.“

„Брансис“ е единствената фирма од Македонија меѓу 4.100 изложувачи - претпријатија од 70 земји, кои годинава ги претставуваат своите производи на најважниот саем во светот за информатичка технологија, телекомуникации и електроника ЦеБИТ 2013. И покрај капацитетите кои Македонија може да ги понуди и прикаже, меѓу другото и во изработка на софтвери за специфични потреби.

„Македонија има многу добар ИТ кадар. Македонската држава работи на развивање на ваков кадар, со отворање на школи и едукации во странство. Има многу ИТ фирми, меѓутоа сепак за настап на некои многу сериозни проекти настрана, дефинитивно мора да заживее идејата на кластеринг, каде што би имало некоја организација која што малку подобро би не координирала за да би можеле да настапиме и да добиеме некои поголеми проекти“, смета Бранко Трајковски, директор на „Брансис“ и признава дека македонскиот аутосорсинг пазар неможе да се мери со Кина или Индија, меѓутоа за поголема конкурентност, со подобра организација, од помош би била и евентуална поддршка од фондовите на ЕУ.

Нови технологии и мрежно поврзување

Подобра организација односно мрежно поврзување и споделување на технолошкиот напредок за заедничко користење на производите и нивна практична примена во секојдневието, впрочем една од главните теми на саемот ЦеБИТ годинава, е и една од целите на македонската фирма присутна во Хановер. Имено преку софтверите кои тие ги произведуваат, на пример софтвер за менаџмент на возила, се намалуваат трошоци и се заштитува животната средина, а воедно се подобрува животниот стандард од аспект на транспортот.

„Проектот овозможува целосна евиденција на голема флота на возила на такси компании, и намалување на трошоците на компаниите, што придонесува за намалување на трошоците за компаниите“, појаснува програмерот Богдан Ничовски.

Од стручен аспект ЦеБИТ има да понуди многу нови технологии и актуелни трендови, но и технологии кои ќе бидат на располагање во идниот период. Нивно осознавање и подоцна пренесување на тие искуства на локално ниво е целта на присуството и презентацијата на ова македонско претпријатие во Германија. На тој начин се овозможува и отворање на нови пазари, покрај регионалната застапеност на фирмата, кај соседите на Македонија, Србија, Албанија и најверојатно во блиска иднина и на Косово.

„Од комерцијален аспкет, пазарите кои се таргетираат, западно европски и пошироко европскиот пазар тука е место каде што може да се остварат контакти и средби, поради тоа што големите дилери на ИТ опрема се тука и полесно е да се договори средба и да се најдат локални партнери и партнер произведувач на некоја опрема и таа се донесе во Македонија“, подвлекува Трајковски.

Учеството на македонската ИТ фирма „Брансис“ на саемот ЦеБИТ 2013 во Хановер беше овозможено со поддршка на швајцарската организација „СИППО“.