1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЦДУ и СПД се‘ уште далеку од договор за нова Влада

Демохристијаните и социјалдемократите ги финализираат последните детали околу коалицискиот договор. До среда (27.11) треба да се затворат сите прашања. Ако е неопходно, во разговорите ќе се вклучат и партиските шефови.

Се случи она што сите го очекуваа. Демохристијанските ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите ќе преговараат најмалку уште еден ден и ноќ за формирањето на владата. Утрово беше соопштено дека разговорите завршиле, но не е постигнато решение за прашањата кои од самиот почеток се предмет на спор. Се работи за минималната дневница, пензиите, законот за државјанство и воведувањето патарини на автопатиштата во Германија.

Шпекулациите околу тоа колку се длабоки разликите меѓу двете страни, се вообичаен фолклор кој ги следи разговорите. Дел од новинарите успеаја да дојдат до нацрт договорот за коалицијата на 177 страници. Тој секако не може да биде идентичен со конечниот договор, но дава насоки за можните решенија околу спорните теми, кои се‘ уште се наоѓаат во заграда.

Клучни точки

Koalitionsgespräche CDU CSU SPD 23.10.2013 in Berlin

Коалициски преговори

Социјалдемократите инсистираат дека минималната плата не смее да биде под 8,5 евра од час. Партискиот шеф Зигмар Габриел пред почетокот на преговорите, јасно кажа дека ќе прифати коалициски договор само доколку се постигне компромис околу минималната плата на ниво на целата земја. Канцеларката Ангела Меркел се согласува со предлогот, но стравува дека тој би можел да ја чини земјата голем број работни места.

Спорно е и дали 63-годишници, под одредени услови, смеат да отидат во предвремена пензија. СПД бара тоа правило да важи за оние кои имаат најмалку 45 години работен стаж, односно 45 години редовни уплати во пензискиот фонд. Демохристијаните тоа го одбиваат, бидејќи калкулациите покажуваат дека тоа ќе го чини буџетот околу 5 милијарди евра. Истото важи и за зголемување на пензиите за мајките кои родиле дете пред 1992 година, на што инсистира ЦСУ. Тоа би чинело околу 6 милијарди евра.

Притисок за двојно државјанство

Pressekonferenz Türkische Gemeinde Kenan Kolat

Кенан Колат

Нејасно е дали СПД ќе успее да се избори и за двојното државјанство. ЦДУ и ЦСУ сакаат тоа да го спречат. Турската заедница во Германија во меѓувреме го зголемува притисокот врз партиите. „Тука не смее да има попуштање и компромиси. Двојното државјанство мора да биде воведено“, изјави претседавачот на оваа заедница Кенан Колат.

И покрај сите отворени прашања, коалициските партнери се убедени дека ќе се најде компромис. За тоа им останува само уште еден ден, а последен рок е ноќта меѓу вторник и среда. А откако ќе завршат разговорите, шефовите на ЦДУ, ЦСУ и СПД ќе мораат да ја убедат и базата и од неа да добијат зелено светло. Најмногу причини за страв има шефот на СПД, Габриел. Последниот збор ќе го имаат 470 илјади членови на неговата партија, кои во декември треба да гласаат дали го прифаќаат коалицискиот договор со ЦДУ.