1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Цврста рака за успех

Македонската ракометна репрезентација последните две години не ги бележи успесите од поранешните десетина години. Што мисли да направи новиот селектор Гино Стрезовски за да ја врати на европска и светска сцена?

default

Последниот успех на македонската ракометна селекција на ЕП во Македонија во 2008 година

Една и пол деценија наназад, македонскиот женски ракомет беше најекспонираниот меѓу екипните спортови во Македонија. Шампионските настапи на Кометал Ѓорче Петров и постојаното пливање на македонската репрезентација во најсилната матица од меѓународните ракометни води не можат да се заборават.

Денес, нема ниту трага од моќниот Ѓорче Петров. Репрезентацијата две години е надвор од главните збиднувања.

Деликатен момент, во кој деновиве селекторската палка ја превзема познатиот македонски стручњак Гино Стрезовски.

„Навистина ми е чест да бидам селектор на репрезентација, која оставила добар впечаток во минатото, која беше добра и на европските и на светскитее првенства. Но, тоа е и обврска и сериозен предизвик да се превземе репрезентацијата.“

Објективно послаб квалитет

Македонската репрезентација, во минатото составена од врвните домашни имиња Нацева, Радуловиќ, Чупиќ, но и на поголем број натурализирани ракометарки со реноме и искуство, беше редовен учесник на светските и на европските првенства. Последен пат беше дел од европското првенство во Македонија на кое го освои 7-то место.Сега составот изгледа поинаку. Стрезовски е свесен за објективно послабиот квалитет.

„Квалитетот не е истиот што беше во изминатите години, но потпомогнати од Црвенковска, Пецевска, Кресоја и Портјанко, ако се врати, со оние ракометарки што играат во македонското првенство, со сериозна и упорна работа , со повеќе подготвителни натпревари , може да се дојде до нивото на резултатите кои ги имаше претходната генерација.“

Gino Strezovski Handballtrainer Mazedonien

Гино Стрезовски

Набиена подготвителна програма

Новиот селектор веќе ја има срочено почетната подготвителна програма, чиј врв ќе бидат квалификациите за светското првенство во Бразил.

„ Првата акција е Купот на Карпатите во Романија со учество на Романија, Полска, Украина и Македонија. Потоа следат подготовки на ракометарките од домашното првенство, а потоа одиме на квалификации во Грција за учество на светското првенство. Таму ќе бидат и Швајцарија и Азербејџан. Морам да нагласам дека само првопласираната селекција влегува во ’баражот’ за светското првенство во Бразил.“

Гино Стрезовски е познат како тренер со цврста рака, кој инсистира на професионалност во работењето. Тој очекува таков однос и од РФМ.

„Овие денови ги искористив за оформување на стручниот штаб. Мислам дека ја имам поддршката и од Металург, кој дава најмногу репрезентативки, и од РФМ, такашто очекувам да нема никакви проблеми. Ако репрезентацијата не настапува во секоја акција професионално, ако сите, од првиот до последниот, не се однесуваат така, нема да има резултати. Добив ветување дека ќе бидат реализирани сите потреби и се надевам во следниот период на добри резултати на репрезентацијата на Македонија“.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска