1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хуманитарците ја критикуваат германската развојна помош

„Помош за гладните во светот“ и „Тер дес ом“ во извештајот „Вистината за развојната политика“ констатираат дека расте јазот меѓу богатите и сиромашните во светот. Министерот за развојна помош Нибел ги отфрла критиките.

Германија, по САД, е вториот светски донатор на развојна помош. Според последните податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), најголемата економија во Европа во 2011 година за првапат инвестираше повеќе од десет милијарди америкaнски долари во развојната соработка. Средствата главно потекнуваат од министерството за развојна политика, кои во моментов изнесуваат околу 6,4 милијарди евра (8,6 милијарди долари). Кон ова се надополнуваат активности, како мерки за заштита на климата и доделување на државни кредити за земјите во развој. Процентуално официјалната развојна помош иснесува 0,4 отсто во однос на севкупното стопанство. Повисока помош имаше кратко пред германското обединување.

На хуманитарните организации им недостасува концепт

Теоретски постојат позитивни импулси во германската развојна политика, но недостасува уверлив концепт, смета генералниот секретар на „Помош за гладните во светот“ Волфганг Јаман. Според него, од одлучувачко значење е да се зајакне цивилното општество во земјите каде се донираат средствата. „Има премалку пари, премалку долгорочни програми, премалку предвидливост“, смета Јаман.

На цивилните општествени групи во Гана, во Индија или во Камбоџа се’ разбира им е потребна поддршка од северот, за да можат да бараат добро работење на владата или да се почитуваат човековите права.

Министерот Нибел ги отфрла критиките

Dirk Niebel

Министерот Дирк Нибел

Германскиот министер за развојна помош Дирк Нибел смета дека критиката е неоснована. Тој укажува дека од почетокот на неговиот мандат во 2009-та година се изработени концепти, на пример, за рурален развој или за темата човекови права. Обвинувањето дека на располагање стојат премалку пари, во разговор за ДВ го оцени како „безсрамно“. Освен ова, Нибел се залага за зајакнување на билатералната соработка, која ја добиваат хуманитарните организации. „Доколку земјите донатори се концентрираат на тоа што можат особено добро да го сторат, тогаш тоа носи особено добри резултати во соработката“, уверен е Нибел. 

Министерот нагласува дека за мултинационалната соработка, меѓу другото во рамките на Светска банка, и натаму се вложуваат најголемиот дел од средствата. Меѓутоа, ова не ги импресионира критичарите на неговата работа од редовите на хуманитарните организации. Генералниот секретар на организацијата „Помош за гладните во светот“ Јаман смета, дека некои од идеите на министерот за развојна помош теоретски се добри, но недостасува успешна практична примена. Како пример тој го наведува вклучувањето на приватното стопанство во развојната помош, форсирано од Нибел.  Од тоа би профитирале само малкумина. Земјите во Африка и Азија, кои добро се развиваат, за жал оставаат се’ повеќе луѓе во сиромаштија, а разликата во примањата е се’ поголема, се жали Јаман. Германската влада не презема никакви мерки против овој тренд, смета тој.

Министерот Нибел се чуди на ова, според негово гледиште, еднострано сфаќање од страна на хуманитарните организации. Сиромаштијата може да се победи само доколку партнерските земји се доведат во состојба, преку сопствени економски импулси да се борат со сиромаштијата. „Тоа успева со помош на работни места и приходи, кои водат до поголеми даночни примања за државата“, аргуметира Нибел.

Повик за повисоко оданочување на финансиските зделки

Terre des Hommes Welthungerhilfe Pressekonferenz PK Berlin

Прес конференција на „Помош за гладните во светот“ и „Тер дес ом“

Ако се прашува, пак, претседателката на организацијата „Тер дес ом“ Данута Захер, тогаш германската влада би требала да се погрижи за дополнителни извори на пари, за да се постигне поделотворна развојна помош. Приоритет за неа има повисокото оданочување на финансиските трансакции на меѓународните финансиски пазари. Таа воедно го обновува и нејзиното долгогодишно барање, најмалку половина од приходите од трговијата со штетните емисии, како јаглерод диоксид, да се инвестираат во развојната помош.

Германската политика уште пожестоко ја критикува опозицоната Партија на левицата. Хајке Ханзел портпаролка задолжена за прашањата за развојна политика критикува дека германската влада и министерот Нибел не извлекле поука од актуелната економска и финансиска криза.