1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хулиганите го засенија спортот

Српски хуилигани нападнаа хрватски навивачи со секири и бетонски плочи. Повредени се три лица, а уапсени се десетина навивачи. Сепак, во хрватската репрезентација велат дека атмосферата и односите се добри.

default

Од натпреварот Хрватска-Франција

Свирежите на хрватската химна досега беа најголемата непријатност која им се случи на хрватските навивачи во текот на Европското првенство во ракомет што се одржува во Србија.

Синоќа (24.01), меѓутоа, се случи далеку потежок инцидент - организиран напад врз колоната автомобили, која по победата на Хрватска над Франција и нејзиниот пласман во полуфиналето, се враќаше од Нови Сад кон Бачка Паланка. Кај местото Ветерник, според изјави на очевидци, едно возило нагло закочило пред колоната од шест до седум автомобили со хрватски регистерски таблички. Потоа следел напад на околу 50 момчиња, кои покрај камења и тули и делови од бетонски плочи, наводно користеле дури и секири. Во нападот се повредени тројца навивачи, а оштетени се петнаесетина автомобили. Уапсени се десетина напаѓачи. Во Рума, на бензинска станица, е запалено комбе со хрватски регистерски таблички, а инциденти имаше и во Нови Сад - насилници, на пример, симнуваа регистерски таблички на автомобили од Хрватска и со спреј го испишуваа симболот „четири С“.

Handball Europameisterschaft Frankreich Kroatien Fans

Во Србија допатуваа многу хрватски навивачи

Одделни медиуми како „оправдување“ за насилството наведуваат дека некои навивачи од Хрватска претходните денови во Нови Сад извикувале различни навреди во самата сала и дека „пред два дена (наводно) ја нападнале и маскотата на првенството, која била петнаесетгодишно момче“.

„Будали секогаш има...“

Вообичаено, мачните сцени и хулиганите избиваат во прв план, иако вкупниот впечаток на гостите од Хрватска е сосема поинаков: „Па будали има, тоа е така. А, што се однесува до провокациите, најголема што сум ја доживеал беше во Вршац, кога еден човек од соседната маса во кафулето ни‘ рече: ’А вие сте од Хрватска? Па вие немате поим, ќе ве разбиеме во полуфинале!’ Ете, тоа е навистина најголемата провокација. Кога луѓето ќе слушнат дека сме од Хрватска се однесуваат нормално“, вели за Дојче веле Крешимир Лацковиќ, новинар на Гласот на Славонија од Осијек.

Слично како него размислуваат и мнозинството навивачи. Нивниот „општ впечаток“ е добар. „Се‘ е под контрола, се чувствуваме добро, ова првенство е добро подготвено“, вели на пример еден од нив. Репрезентативецот Марко Копљар вели дека со оглед на тоа што се сместени во хотел, не забележале многу:

„Освен кусите релации со автобус немав можност ниту да видам многу. Во суштина, ние сме многу концентрирани на ракометот и се обидуваме максимално да ги тргнеме тие инциденти од себе за да можеме нормално да функционираме“, вели Копљар. Портпаролот на хрватската репрезентација Златко Шкрињар тврди дека хрватската репрезентација и хрватската делегација се со се‘ многу задоволни и дека хрватскиот и српскиот ракометен сојуз се во одлични односи.

Автор: Динко Грухоњиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска