1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Христијанските вредности најдобро се пренесуваат со личен пример

По повод Божиќ, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божиќно послание.

Во Божиќното послание, се посакува мир и благослов од Бога и меѓу другото се вели:

„Живееме во време, во кое од разни страни, особено на младите генерации, им се нудат бесмислени поводи за празнување. А, штом поводот е бесмислен, штом не е во согласност со достоинството на човекот, тогаш и самото празнување е такво.

Само пред неколку децении, безбожните режими воведуваа и промовираа празници кои би ги замениле големите христијански празнувања. Колкав и да беше нивниот труд, сепак, немаа успех, зашто од душата на човекот, Бог тешко може да се изгони“, се вели меѓу другото во Божиќното послание, во кое се упатува и повик за предавање на христијанските вредности на идните генерации:

„Времето во кое живееме се одликува со многу предности и олеснувања во однос на минатите, но исто така и со многу искушенија и предизвици. Затоа, од исклучителна важност е на идните генерации да им ги предаваме христијанските вредности што ги примивме од нашите предци. Тоа најдобро ќе го сториме не само ако зборуваме и убедуваме, туку пред се‘ со нашиот личен пример. Она што децата ќе го научат во своите домови, во семејната атмосфера, тоа ќе им остане врежано во срцата“.