1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Христијани и муслимани заедно на аџилак

Кај капелата во чест на Светите седуммина спијачи, во малото француско село Л‘ Сет Сентс во Бретања, од 1954 година заедно на аџилак се собираат и христијани и муслимани.

default

Аџиите се собираат околу капелата, која уште од шестиот век по Христос е подигната во чест на Светите седуммина спијачи. Тие, според легендата, биле седуммина браќа од Ефес, кои во време на прогонот на христијаните, живи биле затворени во една пештера и таму се разбудиле неколку векови подоцна - според Коранот, 309 години, или според христијанската верзија, 177 години. За нив раскажува и христијанската легенда, но тие се споменуваат и во Коранот, во 180-та шура. Секое лето, христијани и муслимани се молат заеднички пред капелата и ја запознаваат религијата на другите.

Симбол на животот по смртта

Околу капелата е собрана група од околу 500 аџии: муслимани и христијани, меѓу нив и еден бискуп и повеќемина свештеници. Тие се собрани на крајниот југ на Франција, во Бретања. Таму се наоѓа малото село Л‘ Сет Сентс, или во превод - седумтемина светци. Секоја година, тука се одвива христијанско-исламски аџилак. Кристијан Л‘ Мер, селскиот свештеник, објаснува:

„Овие седуммина светци биле најдени живи откако 177 години спиеле во пештерата во која биле заѕидани во 250-та година по Исус, зашто не сакале да се откажат од својата христијанска вера и да му се покорат на царот. Спиење на седумтемина е симбол за воскреснувањето и за животот по смртта. Во тоа веруваат и муслиманите и христијаните.“

Frankreich: Bretagne - Hafen von Paimpol

Пристаништето во Бретања

Капела во чест на светците

Во 6 век, грчките калуѓери со бродовите на трговците од Блискиот исток стигнале до бреговите на Бретања. На копното наишле на едно келтско светилиште, долмит. Тоа се состоело од четири вертикални камења, покриени од два хоризонтални камења, а калуѓерите ги потсетило на пештерата од Ефес и тие тука без двоумење, по кратка постапка, подигнале христијанско светилиште во чест на седумте спијачи, Л‘ Сет Сентс.

Во 1703 година директно над долмитите била осветена капела посветена на седумте спијачи.

Заеднички аџилак на муслиманите и христијаните на ова место постои дури од 1954 година. Толку долго било потребно додека еден ориенталист, професорот Луис Масињон, не ги открил бретонските седуммина спијачи. Среде војната за независност на северноафриканската колонија Алжир против Франција, тој се заложил за мировни средби меѓу муслиманите и христијаните. На муслиманските работници во Париз професорот им давал бесплатни часови по француски јазик и им го плаќал патот на свеченоста на седумтемина спијачи во Л‘ Сет Сентс.

И по 55 години, смислата на заедничкиот аџилак е предизвик и повик за поголемо отворање кон другите, смета свештеникот Кристијан Л‘ Мер:

„За христијаните треба да биде прашање на чест овде да работат на добро разбирање со муслиманите“.

Разликите да вродат плод, а не кавги

Мисите во сабота и недела ги држи еден аџија од Алжир: бискупот Клод Рулт ја претставува диоценезата Лагоа во Сахара. Тој е христијанин кој повеќе од 40 години живее меѓу муслимани.

Малата капела е сосема полна, мал дел од муслиманите присуствуваат внатре на мисата, другите ја следат надвор, преку звучниците. Меѓу нив се и неколу мешани двојки, од исламска и христијанска вера, лаицисти. Нивните семејни корени се во Алжир, Мароко, Мали и Франција. Љубопитни се за религиските корени на својот партнер.

Das Restaurant La Mere Poulard in Mont St-Michel in der Bretagne existiert bereits seit über 100 Jahren. (Undatierte Aufnahme)

Стариот дел од градот во Бретања

„Во Франција ја запознав љубовта на мојот живот. Сега сум оженет со Французинка, која е христијанка“, вели еден муслиман.

„Порано не се интересирав за верата на мојот маж, тој е католик, за мене беше важна само мојата религија, муслиманската, но аџилакот вистински ми ги отвори очите“, вели една жена.

Внатре во капелата, бискупот Рулт во проповедта истакнува:

„Не се работи за негирање на разликите, за нивно бришење, туку тие да бидат плодотворни за двете страни. “

По мисата христијаните и муслиманите одат до изворот на седумтемина спијачи, во шумата, на околу 200 метри оддалечен од капелата.

Водата извира од камен, во кој има седум дупки, кои симболично ги претставуваат светците.

Л‘ Сет Сентс, малото место во кое доаѓаат аџиите, се состои од само неколку куќи, кои се главно празни. Но, еднаш годишно, во лето, местото оживува и станува средиште за средби на муслиманите и христијаните.

Автор: Сузане Штерценбах / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска