1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Христијаните повторно цел на напади во Африка

При нападите врз христијански цркви во главниот град на Кенија, Најроби убиен е еден човек. Тешки експлозии имаше и во Нигерија, каде животот го загубија најмалку шест лица.

Кратко по почетокот на богослужбата во Најроби непознато лице, според полициски извори, активирало експлозивна направа и потоа избегало од црквата. Најмалку едно лице е убиено, а десет се повредени, соопшти полицијата. Се’ уште не се знае дали зад овој напад се кријат Ал Шабаб милициите од соседна Сомалија, за кои се смета дека се одговорни и за други напади во Кенија.

На почетокот на април, во два напади во Кенија во туристичките крајбрежни региони, беше убиен еден човек и повеќемина беа повредени. Нападот тогаш беше насочен кон ресторан, кој го посетувале Кенијци немуслимани и каде се сервирале јадења со свинско месо. Вториот напад беше извршен при една средба на Христијани.

Ал Шабаб се закани со напади

Кениските трупи во октомври 2011 година навлегоа во Сомалија, откако беа киднапирани повеќе хуманитарни соработници и туристи од територија на Кенија во соседната држава. Уште тогаш Кенија ја префрли одговорнсота за киднапирањата на Ал Шабаб милициите. Радикално-исламистичките бунтовници тогаш се заканија со одмазнички напади во Кенија.

Милициите со години се борат против централната сомалиска влада во Могадишу, која ја има подршката од меѓународната заедница. Пред повеќе месеци, терористите, за кои се смета дека се блиски до Ал Каеда, беа протерани од главниот град, но тие и натаму се активни во централниот и јужниот дел на земјата.

Тешки експлозии и при богослужби во Нигерија

Исто така и во Нигрија, во градот Кано, се случи тешка експлозија при богослужба на христијански студенти. Според агенцијата АФП во овој напад животот го загубиле шест лица. Портпарол на армијата информираше дека во овој напад освен загинати има и повеќемина повредени. Според жителите, на местото на нападот се слушале и истрели.

Во Нигерија сектата Боко Харам се бори за формирање исламска држава на северот на земјата, претежно муслимански населен, и затоа редовно изведува напади врз полицијата, институциите и црквите. Во Кано, најголемиот град на северот на Нигерија, во јануари во серија напади беа убиени 185 лица. Одговорноста за овие напади ја презема сектата Боко Харам. Во четвртокот минатата недела при напади врз редакции на весници во главниот град Абуџа и гадот Кадуна беа убиени девет лица.