1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Христијаните во Африка сакаат мир и демократија

Оваа недела во Египет повторно ескалираше насилството меѓу коптите и муслиманите. За положбата на христијаните во Северна Африка и последиците од народните бунтови неодамна се одржа конференција во Рим.

default

Христијаните во Египет бараат подобра заштита од власта и еднакви права во изразувањето на верата. Нивниот мирен протест во Каиро беше прекинат од насилни муслимани, а во судирите имаше над десет жртви.

Неодамна во Рим, пак, беше одржана меѓународна конференција на духовната заедница Сант Егидио околу ситуацијата на христијаните во Северна Африка. Водечки претставници на црквите и на муслимански организации дискутираа за сегашните безредија во нивните татковини и последиците. На конференцијата беше истакната сплотеноста на христијаните и муслиманите против диктаторските режими.

Сант Егидио, инаку, е духовна заедница призната од римокатоличката црква, која во 1968 година ја основаше историчарот Андреа Рикарди во Рим, како лаичко движење на студенти и ученици. Таа е наречена по своето седиште, некогашниот манастир Сант Егидио, во римскиот кварт Траставере.

Поддршка на демократското движење

Христијаните се малцинство во муслиманските општества во Северна Африка. Најбројна конфесија е коптската православна црква во Египет, во која членуваат 10 проценти од населението, односно 8 милиони Египќани. На второ место е коптско-католичката, а на трето грчко-православната заедница со по 200 илјади верници. Кога во јануари годинава започнаа протести против египетскиот претседател Хосни Мубарак, црковните претставници беа воздржани, но денес коптско-католичкиот патријарх Антониус Нагуиб истакнува:

„Ние христијаните во Египет сме единствени во поддршката на демократското движење, кое предвидува обнова на државата според демократски принципи. На плоштадот Тахрир беа илјадници христијани, кои протестираа и се молеа, славеа и пееја заедно со муслиманските млади“.

Оваа поврзаност меѓу муслиманите и христијаните ја истакнува и шахот Хасан Шафи, претставник на Големиот имам и влијателниот универзитет Ал Азар, кој се наоѓа во срцето на Каиро и ужива највисок авторитет меѓу сунитите:

Protest Bombenanschlag Kopten Ägypten

Египетските христијани на протести за верски права во Каиро

„Плоштадот Тахрир беша место на раѓањето на новиот Египет, почна ново поглавје во нашата историја. Христијаните и муслиманите кај нас се единствени во барањето поголема слобода и праведност.“

Во Тунис падна ѕидот на стравот

Во Тунис работата на обнова на општеството започна уште порано. Професорот Аднан Мокрани, кој во Рим предава исламска теологија на универзитетот Грегоријана, истакнува:

„Соборувањето на власта во Тунис беше голем и нужен чекор, ѕидот на стравот падна, луѓето сега се чувствуваат послободни. Проблем е што по долгиот период на цензура и заплашувања сега мора да научат слободно да се движат. Недоставува се‘ уште вистински слободен печат, но за се‘ е потребно време.“.

Во Тунис за разлика од Египет има малку домашни христијани, најголемата заедница ја сочинуваат околу 20 илјади католици, најголем дел Европејци или Африканци. Но професорот Мокрани потенцира:

Demonstranten am Tahrir Platz

На плоштадот Тахрир заедно против Мубарак беа и христијаните и муслиманите

„Постојат во Тунис и луѓе кои конвертираа во христијанство. Промената на религијата е свето право кое мора да се одбрани и во новиот устав“.

Народот сака само слобода

И во соседните земји многумина се надеваат на мирни промени и со згрозување гледаат на крвавите судири во Либија, каде либискиот владател Моамер ел Гадафи со крв ја брани својата власт. Во Алжир се‘ уште се свежи сеќавањата на стравотиите од граѓанската војна, која во 90-те години однесе над четвртина милион жртви. Надбискупот од Алжир, Галеб Бадер вели дека во земјата народот не сака ново насилство. Моментно во Алжир живеат околу 5 илјади католици и десетпати повеќе протестанти. Сите тие сакаат реформи и слободни избори, исто како и 30-те милиони муслимани Алжирци, но не по секоја цена.

Владата, сепак, реагираше по протестите и ја укина вонредната состојба во земјата која траеше 20 години. Бискупот Бадер резимира:

„Потребите кај сите народи се исти. Решавачки е дали власта во одделни земји ги согледува. Ако е интелигентна, ќе направи отстапки кон својот народ, ќе му даде поголеми права и ќе избегне крвопролевање. Зашто луѓето по правило не сакаат ништо друго освен зачувување на своето достоинство и слобода.“

Автор: Корина Милштед / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска