1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ХРВ: Загрижувачка состојба со човековите права на Балканот

Хјуман Рајтс Воч во годишниот извештај ги критикува земјите од Западниот Балкан поради состојбата со човековите права. Особено „на тапет“ се Косово, Србија и БиХ.

Владите на земјите од Западниот Балкан во текот на минатата година направија многу малку за решавање на долготрајните проблеми со човековите права, а посебно загрижувачка е состојбата во Босна и Херцеговина, Косово и Србија, се наведува во извештајот за човековите права за 2014 година на Меѓународната организација „Хјуман Рајтс Воч“ (ХРВ).

Организацијата заклучила дека во земјите од Западен Балкан е остварен само ограничен напредок во поглед на утврдување на одговорноста за воените злосторства, во справувањето со дискриминацијата и кршењето на човековите права на припадниците на ромското малцинство, како и во борбата против малтретирањето и насилството врз новинарите и членовите на ЛГБТ заедницата.

Воочливо е и отсуство на трајни решенија за проблемот со бегалците и внатрешно раселените лица, се наведува во извештајот.

- Земјите од Западниот Балкан мораат повеќе да работат на усогласување на законодавствата поврзано со човековите права со европските и со меѓународните

стандарди. Босна и Херцеговина, Србија и Косово ќе мора да прекинат со сериозните форми на кршење на човековите права доколку навистина сакаат да и се приближат на Европа, изјави истражувачот на ХРВ за Балканот и Источна Европа, Лидија Гал.

Според организацијата, загриженост околу почитувањето на човековите права, преземањето мерки против лицата одговорни за воени злосторства, односот кон малцинствата и функционирањето за системот за азил постои и во најновата земја- членка на ЕУ, Хрватска.

Организацијата оценува дека во балканскиот регион и натаму има недоволна заштита на припадниците на националните малцинства, особено на Ромите, кои се соочени со широко распространета дискриминација во однос на здравствената заштита, образованието и решавањето на станбените прашања, а регистрирани се и случаи на нивна делокација.

Roma Kinder

Загрижувачки однос кон Ромите во земјите од Западниот Балкан

Властите во БиХ не извршија измени на уставните одредби со кои на припадниците на националните малцинства би им се овозможило учество на изборите за највисоките органи на власта и покрај притисокот од ЕУ и пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2009 година со која ваквата пракса е оценета како дискриминаторска.

Во Косово е сѐ поприсутна дискриминацијата на Ромите и припадниците на малцинства познати под имињата Ашкали и Египќани, а состојбата дополнително се влошува со нивното континуирано присилно депортирање од земјите од Западна Европа, без притоа да им се обезбедат средства и услови за интеграција во општеството, оценува организацијата.

Според ХРВ, новинарите како и активистите и припадниците на ЛГБТ заедницата на Балканот постојано се соочени со непријателски однос на околината, а регистрирани се и случаи на закани и напади врз нив. Во извештајот, кој годинава е на 667 страници, ХРВ прави анализа на почитувањето на човековите права во над 90 земји од целиот свет.