1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хрватските работници ќе добијат заштита во Германија

Иако во Германија е воведено ограничување за вработувања на хрватски државјани, Сојузот на германските синдикати се подготвува за доаѓање на работници од Хрватска. Ним им следува заштита и објаснување за основните права.

Германија веќе воведе ограничување на пристапот на својот пазар за граѓаните на новата земја-членка на ЕУ- Хрватска. Засега тоа ограничување е на две години со можност за продолжување за уште пет години. Од тоа правило исклучок се академски образованите граѓани кои уште сега имаат пристап до германскиот пазар на труд, со услов претходно да имаат обезбедено работно место согласно нивното образование.

Но, и покрај препреките, јасно е дека во Германија работа ќе пронајдат и многу работници. Тие доаѓаат и сега, без разлика дали се работи за сезонци или за „деташирани“ работници.

Искуствата од минатите години покажуваат дека мобилноста на работниците во рамките на ЕУ создава можност и за нивна злоупотреба и работниците често, поради неинформираност или непознавање на јазикот, се изложени на измами од сите видови.

Symbolbild Logo DGB

Логото на ДГБ

За тоа се свесни и во Германскиот сојуз на синдикати (ДГБ) од каде уште од пред неколку месеци започнаа со проектот „Мобилност по мерка на работниците“ чија цел е на работниците од другите европски земји кои привремено доаѓаат во Германија да им се понудат советодавни услуги, на нивниот мајчин јазик.

Мобилност по мерка на работниците

На почетокот на месецов во Штутгарт беше претставен проектот „Мобилност по мерка на работниците- поддршка на работниците од Западниот Балкан“, со кој ДГБ реагираше на проширувањето на ЕУ кон исток.

„Пазарот на трудот понекогаш е како 'Див Запад'. Тука често, дури и пречесто владее законот на посилниот, значи на работодавачот и притоа или недостасуваат совети за работниците или тие се заобиколуваат со сите можни трикови“, вели Николаус Ландграф, претседател на ДГБ во покраината Баден Виртемберг.

DGB Kroatien

Катарина Франковиќ

Затоа сега работниците ќе бидат информирани за своите права уште пред доаѓањето во Германија. Од ДГБ притоа ги издвојуваат и проблематичните бранши во кои најчесто доаѓа до злоупотреба на работниците.

„Најчесто мобилната работна сила се искористува за да се заобиколат минималните стандарди при социјалната заштита и исплатата на платите. Тука се издвојуваат градежништвото, хотелиерството и туризмот, логистиката и превозот како и услужните дејности во индустријата“, вели Ландграф.

И покрај сите подготовки, некоја поголема навала на хрватски работници не се очекува. „Многумина се веќе овде и кој планирал да дојде тој е веќе или во Германија или секако собрал доволно искуство за овдешната состојба“, вели Катарина Франковиќ од ДГБ.

За германскиот синдикат, контактот со привремените работници е важен и затоа што нивните искуства потоа можат да се искористат за влијание врз идното прилагодување на законите и подобрување на условите за работниците кои доаѓаат во Германија.