1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хрватските пратеници се активираат во Европскиот парламент

Откако хрватските набљудувачи во Европскиот парламент во Брисел добија свои канцеларии, денеска за првпат учествуваат на пленарна седница на парламентот во Стразбур. Засега без право на глас.

default

На пленарната седница на ЕП, 12-те хрватски набљудувачи ќе ги поздрави претседателот на парламентот Мартин Шулц. Составот на хрватската делегација одговара на резултатите од последните парламентарни избори во земјата. Хрватските пратеници веќе добија и места во различните, вкупно 24 на број, комисии на европарламентот.

Најголемиот дел од нив им се приклучија и на матичните идеолошки фракции. Па така, пратениците од Социјалдемократската партија се приклучија кон Фракцијата на европските социјалисти и демократи, додека оние од ХДЗ кон Европската народна партија. Без европска фракција засега се само претставниците на некои помали етнички партии.

Хрватските набљудувачи ќе можат да учествуваат во расправите, но до полноправното членство на Хрватска нема да можат да гласаат.

Очекувања

Од хрватските набљудувачи во Европскиот парламент, како и од оние од останатите 27 земји-членки, се очекува со своето искуство, информации и знаење за Хрватска и регионот да придонесат во работата на парламентот. Хрватските граѓани, пак, од набљудувачите очекуваат максимален ангажман, покривање на бројни подрачја, и да го искористат предизвикот за што поскоро пополнување на местото на Хрватска во големото друштво. Освен тоа, Европскиот парламент од стапувањето во сила на Лисабонскиот договор доби нови, зајакнати овластувања, па тоа е воедно и новина како за хрватските, така и за парламентарците од останатите земји.

Од европските пратеници вообичаено се очекува пред се’ да ја интензивираат комуникацијата со своите граѓани и како и соработката со националните парламенти, бидејќи токму со Лисабонскиот договор беше зајакната улогата и на националните парламенти. Оттука, потребно е поквалитетно информирање и запознавање со европското законодавство.