1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хрватскиот премиер категоричен - нема референдум за кирилицата

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ порача дека антикириличен референдум нема да се одржи, бидејќи тоа е едно цивилизациско прашање за опстанокот на Хрватска. Со референдумот едно право ќе биде неповратно одземано.

„Нема да го има. Тоа е се’ што можам да речам во овој момент. Нема да се случи. Ние ќе преземеме одговорност да го нема. Нема да допуштам такво нешто. Тоа се некои од основните вредности на кои се темели оваа држава и ова општество. И ова не е никаква диктатура, како што некои споменуваат. Ова е одбрана на темелите на демократијата“, нагласи Милановиќ.

Запрашан за тоа дали постои можност да се случи уставна криза по ова прашање, тој потенцира дека не се работи за уставна, туку за вредносна криза.

„Ова е морална криза. И, тука улогата на политичарите е пресудна. Според тоа, треба да се ставиме во заштитата на правата на оние кои се послаби. Некои во овој момент на зол начин се обидуваат да ја искористат уставната дупка. Како, на пример, кога во еден момент продавницата ќе остане без светло, камерите ќе се расипат, продавачката ќе отиде во тоалет, па сите да помислат дека можат да крадат. Ние ќе го запалиме светлото“, порача Милановиќ во божиќното интервју за ријечкиот весник „Нови лист“.

Милановиќ потврдува дека постои начин ова да се спречи, додавајќи дека се работи за прашање на политички став. Тој наведува дека се работи за политика, па како премиер тој немало да дозволи да дојде до злоупотреба на институцијата референдум. Според хрватскиот премиер, станува збор за цивилизацискиот опстанок на Хрватска.

„Со референдумот за кирилицата едно право неповратно би се одземало. Е, тоа нема да помине“, потенцира Милановиќ.

„Штабпт за одбрана на хрватскиот Вуковар“ веќе ги предаде потписите во хрватскиот Сабор за распишување референдум, со кој би се дозволила употреба на јазикот на националните малцинства само во средините каде што тие сочинуваат половина од населението, а не третина, како што сега е случај.

Хрватските власти веќе најавија уставни промени со кои би се спречило одржувањето референдуми кои ги ограничуваат правата на малцинствата, а на таквото изјаснување не гледаат благонаклонето ниту во ЕУ.