1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Хрватска трета, Шпанија и Данска денеска за злато

Во Барселона во салата Палау Сант Жорди вечерва се игра финалето на 23-то Светско првенство во ракомет. За златниот медал се борат домаќинот Шпанија и европскиот првак Данска. Хрватска синоќа дојде до бронзениот медал.

Репрезентацијата на Шпанија досега на шампионатот има биланс од седум победи и еден пораз (од Хрватска во групата), додека Данска во финалето влегува со осум победи. На светските првенства Шпанија еднаш, во 2005 година, го освои златниот медал, додека Данска има два сребрени медала, во 1967 и 2011 година. Во последното финале во Шведска, Данска загуби од Франција. За двете селекции ова ќе биде шести меѓусебен дуел на светските првенства. Данска има четири победи, а Шпанија само една. Почетокот на финалето е во 17 часот и 15 минути.

Бронзениот медал го освои Хрватска откако вчера во „малото финале“ ја победи Словенија со 31:26. Двете селекции од почетокот наметнаа силно темпо и повеќе внимание му посветија на нападот, а во израмнетото прво полувреме Хрватите стекнаа гол предност. Играта на Словенија целосно се распадна во второто полувреме, кога играчите на оваа репрезентација цели 12 минути не постигнаа гол, што Хрватите го искористија и од контранападите стигнаа до предност од осум голови и без многу мака го финишираа натпреварот.

Бронзата во Шпанија е петтиот медал кој Хрватска го освои на светските првенства. Хрватите во колекцијата имаат уште едно злато и три сребра.

Македонија шампионатот во Шпанија го заврши на 14-то место.