1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Хрватска: Презадолженост и нетранспарентност во задолжувањето

Вкупниот дог на Хрватска изнесува околу 60% од Брутодомашниот производ. Експертите повеќе ги загрижува тоа што дефицитот во последните години постојано е над дозволените 3%, како и нетранспарентноста на задолжувањето.

Преголемата задолженост на Хрватска, во јавноста најчесто се истакнува како главен домашен економски проблем, покрај високата стапка на невработеност и падот на производството. Но, не само што на сегашната и на идните генерации над главата им виси заканата за фатална кредитна наплата туку сѐ почесто се покажува дека на Хрватска ѝ недостасува и исправна стратегија за управување со јавниот долг. Згора на тоа политиката на задолжување на сите хрватски влади досега не е доволно транспарентна. Структурата на некои задолжувања честопати е непозната, а јавна расправа за деталите на некои кредити речиси во целост изостанува.

Institut für öffentliche Finanzen in Zagreb

Седиштето на Институтот за јавни финансии во Загреб

На крајот на минатата година хрватскиот јавен долг наводно надмина 200 милијарди куни, со тоа што владата на две телефонски седници на 24 декември и потоа на 27 декември, одобрила земање на четири нови заеми. Анто Бајо и Марко Приморац, експерти во Институтот за јавни финансии (ИЈФ) во Загреб, по тој повод објавија документ под впечатлив наслов: „Господа, каде е стратегијата на задолжување и управување со јавниот долг?“. Но прашањето е пред сѐ од реторичка природа, бидејќи стратегија всушност нема, а однесувањето на извршната власт дополнително придонесува за впечатокот на генерална стихија. Двајцата соработници на ИЈФ сметаат дека споменатиот случај ќе го земе предвид и Европската комисија, во рамките на процедурата за прекумерниот буџетски дефицит на Хрватска.

Владата не би смееа да одлучува самата

„Опасно е да се управува со долгот на недоволно стручен начин, без стратегија и со слаба транспарентност“, вели Иван Ловриновиќ од Економскиот факултет во Загреб додавајќи дека постоечката „Стратегија за управување со јавниот долг од 2011. до 2013. година“, нема никакви атрибути за да се нарекува така. Тој се залага за јакнење на сегашната мала и невлијателена канцеларија за управување со јавниот долг, а смета и дека за новите задолжувања во странство не би смеело да одлучува само Министерството за финансии на чело со Славко Линиќ, па дури ни само владата. За такви важни одлуки во вакви критични времиња потребна е потврда од парламентот- Саборот, со претходно формулиран став на тим на независни експерти, сметаат економските стручњаци во земјата.

„Мислам дека кај нас не се водеше сметка за управувањето со јавниот долг. Иако се изработуваше стратегија, нејзината имплементација никогаш не заживеа во пракса“, изјави за ДВ, Саша Дрезгиќ од Економскиот факултет во Риека. Тој истакнува дека хрватското задолжување е дефинирано од тековните потреби и евентуално од околностите на задолжување по ниски каматни стапки, а сето тоа не води кон оптимално управување туку станува збор за ад хок политичко дејствување.

Finanzministerium der Republik Kroatien

Седиштето на Министерството за финансии на Хрватска во Загреб

Управувањето со јавниот долг е сложено прашање кое мора да обедини многу параметри, како што е валутата на долгот, неговите рокови, висината на каматната стапка, видот на поединечни долгови, терминот на задолжување, разликата меѓу внатрешното и надворешното задолжување, итн.

Дрезгиќ потсетува дека може далеку подобро да се управува со јавниот долг за што добар е примерот на локалната самоуправа на неговиот град Риека, која се задолжува по значително поповолни каматни стапки од државата. Управувањето со јавниот долг меѓутоа не е единствената економско-политичка област која е запоставена во Хрватска, вели Дрезгиќ. „Пример за тоа е да речеме фактот дека воопшто не постои доволно квалитетно планирање на јавните расходи, особено инвестициите, како и анализа на модалитетите на нивно финансирање“.

Потреба за ресуверенизација на монетарниот систем

Иван Ловриновиќ пак осврнувајќи се на неуредената статистика на јавниот долг се прашува: Му одговара ли некому сета таа збрка? „Можеби ширењето страв преку приказната за огромниот јавен долг е тактичка потреба да се оправда лесната продажба на државниот имот“, се сомнева овој експерт. Се разбира, хрватскиот јавен долг би претставувал значително помал пробем доколку би се ресуверенизирал хрватскиот монетарен систем односно кога Хрватската народна банка (ХНБ) поактивно би се вклучила во негово финансирање и решавање, смета Ловриновиќ.

Ivan Lovrinović

Иван Ловриновиќ - професор на факултетот за економија во Загреб

Тогаш надворешниот долг полесно би се преструктуирал и би се ставил во функција на финансирање на пазарно оправдани вложувања.

„Наместо ХНБ да произведува пари за кредитирање на значаен дел инвестиции, ние и тоа го увезуваме. Меѓутоа не здраво штедење туку туѓи скапи кредити, кои во голем дел се долгови создадени од туѓи централни банки преку емисија на примарни пари“, вели Ловриновиќ кој не може да се изначуди на тоа што државата во текот на минатата година во ХНБ имала депозити од околу 5 милијарди евра, а скапо се задолжувала во странство. Но, Хрватска се откажа од правото на емисија на долгот, вели Ловриниќ, па сега го купува неспоредливо поскапо. Наместо заклучок еве пример од праксата: каматната разлика за задолжување од 30 милијарди куни за шест насто камата во комерцијалните банки од една или во ХНБ за 0,5 проценти камата од друга страна би изнесувала 1,65 милијарди куни годишно. Тоа на пример е повеќе од цената за која на продажба се нуди Хрватската поштенска банка.