1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хрватска попушти во спорот со Брисел

По повеќемесечно натегање, Хрватска попушти - новата членка на ЕУ ќе го промени својот закон за екстрадиција на осомничените извршители на кривични дела. Притисокот од Брисел беше преголем.

Под притисокот на ЕУ, Хрватска попушти во спорот околу израчувањето на осомничени тешки кривични престапници од поранешна Југославија. Хрватскиот министер за правда Орсат Миљениќ вети „брза и безусловна измена на спорниот закон, во согласност со европското право“.

„Законот ќе стапи во сила многу бргу, најдоцна на 1. јануари 2014. година“, дополни тој денеска (25.09.2013) по средбата со еврокомесарката за правда, Вивиен Рединг во Брисел. Досега спорниот закон го штитеше генералот од тајната служба, Јосип Перковиќ и 20 други осомничени кривични извршители од израчување во другите земји во ЕУ. Германија го бара Перковиќ како осомничен нарачател на убиство на еден југословенски дисидент во 1983.година во баварскиот град Волтратсхаузен. Што значи ова ветување на Хрватска сега за конкретниот случај, хрватскиот министер не појасни. Но, Миљениќ изјави: „Европските правила за екстрадиција ќе бидат применувани за сите злосторства, без разлика кога биле извршени“.

Хрватска на три дена пред нејзиниот прием во ЕУ на 1. јули донесе посебен закон, познат како „Лекс Перковиќ“. Овој закон исклучува израчување на извршители на тешки кривични дела пред 2002 година. Ограничената примена на европскиот налог за апсење Европската комисија во Брисел го толкува како кршење на европското право. Поради тоа му се закани на Загреб со замрзнување на 80 милиони евра предвидени за Хрватска и нејзиниот пристап кон Шенгенскиот простор. Подготовките на ЕУ за вакви санкции продолжуваат, изјави Рединг: „Ние очекуваме ветувањето на министерот да биде брзо реализирано, а тоа значи - донесување закон“.

Само во тој случај Европската комисија ќе се откаже од предвидените санкции. Брисел притоа се користи со заштитна клаузула од договорот за пристап на Хрватска кон ЕУ.

Рединг изрази задоволство од попуштањето на Хрватска:

„ЕК го поздравува овој чекор, кој ќе овозможи криминалците да бидат изведени пред правдата“.

Брисел не беше задоволен од досегашната најава на Загреб да го промени спорниот закон до јули 2014 година.