1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хрватска повлекува војници поради пишување на „Њујорк Тајмс“

Одлуката била донесена поради страв за безбедноста на војниците кои се во мисија во рамките на ОН на Голанската висорамнина, поради пишување на весникот „Њујорк Тајмс“.

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ соопшти дека во договор со претседателот на државата Иво Јосиповиќ иницирал повлекување на хрватските војници од набљудувачката мисија на ОН на Голанската висорамнина.

Одлуката уследи откако весникот „Њујорк Тајмс“ објави дека Хрватска наводно продава оружје на сириските бунтовници поради што, како што рече Милановиќ, на хрватските војници не им е гарантирана безбедноста.

„Со тоа нашите војници се изложени на непредвидени ризици. Нашата одговорност и задача е да размислуваме за тоа, и кога е потребно да делуваме“, изјави Милановиќ на владина седница.

Тој додаде дека без разлика колку Хрватска ќе ги демантира тие информации на светските медиуми „не може никогаш до крај да ги демантира“. Тој нагласи дека за разлика од другите мисии, хрватските војници на Голан не се вооружени.

Откако беа објавени информациите во „Њујорк Тајмс“, хрватскиот премиер рече дека не може да се биде сигурен дали некој ќе преземе нешто против хрватските војници, па затоа Хрватска одлучила да ги заштити своите луѓе. Според официјалните податоци, хрватскиот контингент на Голан брои 97 луѓе, а во мисијата учествуваат војници од Австрија, Индија, Јапонија и Филипините.

Поврзана содржина